Home » 20 години кариера на првиот женски диригент во МОБ-Бисера Чадловска

20 години кариера на првиот женски диригент во МОБ-Бисера Чадловска

by culturalchat

На сцената на Македонската опера и балет беше изведено ремек-делото „Боеми“ од Џакомо Пучини. Со изведбата на оваа оперска претстава диригентката Бисера Чадловска одбележа 20 години уметничка дејност. Таа важи како еден од најплодните македонски оперски и балетски диригенти, со завидна бројка од над 50 оперски и балетски наслови во текот на нејзиното 20-годишно работење како прв диригент во Македонската опера и балет.

„Музиката е неисцрпен извор на убавина, а една од моите желби секогаш беше да ја диригирам операта „Боеми“. Во изминатите 20 години ја немав таа можност и затоа одлучив за овој мој прв поголем јубилеј да ја диригирам токму оваа опера. Таа е голем диригентски предизвик, прекрасна и емотивна музика. Задоволството е уште поголемо, бидејќи сцената  ја делев со моите колеги од оркестарот, хорот и солистичкиот ансамбл на Македонската опера и балет, со кои соработувам сите овие години“ , истакнува диригентката Бисера Чадловска.

Приказната за животот на љубовниците Родолфо и Мими е во режија на Дејан Прошев. Сценографијата за операта е на Зоран Николовски, костимограф е Марија Пупучевска, концерт-мајстор е Верица Ламбевска, а хор-мајстор е Јасмина Ѓорѓеска. Во „Боеми“ настапуваат Ѓорѓи Цуцковски, Сандра Митровска, Марјан Јованоски, Драган Ампов, Александар Стефаноски, Наде Талевска, Невен Силјановски, Борко Биџовски, Јане Дунимаглоски, Александар Никодиновски, Диме Петров, хорот и оркестарот на Македонската опера и балет.

После изведбата Чадловска истакна:

„Прекрасна претстава, прекрасна публика и сите што ги сакам на едно место. Благодарам на мојот дом Македонската опера и балет за прекрасниот јубилеј, на Ѓорѓи Цуцковски, Сандра Митровска, Наде Талевска, Maрјан Јованоски, Александар Стефаноски, Драган Ампов, Невен Сиљановски и Борко Биџовски, за тоа што безрезервно се посветивте на сцена, на Дејан Прошев, Горан Наумовски, Бурхан Дибрани, Мартина Андонова, Горан Кочишки, за вашата заложба за промоцијата на овој прекрасен настан и за целата организација околу него. Благодарам на оперскиот хор, со кој започна мојата приказна во Македонската опера и балет. И на крај, но не последни, благодарам на мојот оркестар, со кој минувам најголем дел од моето време и кого не би го сменила за ниеден друг оркестар. Диригентот не е ништо сам, без да има со кого да прави музика, а јас сум среќна што ве имам. Вам ви ги должам овие 20 години на нашата заедничка сцена. Да ни се множат на сите заедно. Ве сака вашата маестра“.

За професијата диригент ќе истакне:

„За мене, мојата професија е најубавата професија. Премногу е интересна, предизвикувачка, креативна и ми овозможува да се изразам преку музиката. За оваа професија не е доволно само да сакаш да ја работиш, мора да имаш и одредени способности и предиспозиции за тоа. Не може секој да биде диригент. Затоа би им препорачала на идните диригенти многу да работат на себе, да слушаат многу музика, да прегледуваат и учат партитури, да работат на нивната мануелна техника, која е всушност ракопис на еден диригент, да ја искористат секоја шанса да работат со било каков ансамбл за да стекнат искуство“.

Чадловска е 1978 година во Скопје. Дипломира во 2001 година на Факултетот за музичка уметност во Скопје, на отсекот по оркестарско диригирање во класата на професорот Фимчо Муратовски. Пост-дипломските студии по симфониско и оперско диригирање, ги завршува на Државната музичка академија во Софија. По завршувањето на студиите почнува да работи како хор-мајстор во Македонската опера и балет. Набрзо почнува да напредува и да асистира во подготовките на сите нови премиери на сцената на МОБ. По неколку години работа како хор-мајстор и асистент диригент, ја добива својата прва премиера “Таен брак” од Доменико Чимароза, со која се отвори Скопското лето во 2005 година. Како резултат на работата на оваа опера, добива стипендија од фондацијата CEE Eastern Musiktheater, со што и се овозможува посета на семинари и настап со оперскиот оркестар од Темишвар, Романија. Потоа се редат голем број на претстави од репертоарот на МОБ. Се докажува како оперски и балетски диригент и денес го диригира скоро целокупниот репертоар на сцената на МОБ. На сцената на МНТ како диригент го поставува првиот лиценциран мјузикл во Македонија “Чикаго”. Добитник е на наградата “Георги Божиков” за 2015 година за континуирана изведба на дела од македонски композитори.

Related Articles