Home » 49 години Друштво на ликовни уметници на Битола- ДЛУБ

49 години Друштво на ликовни уметници на Битола- ДЛУБ

by culturalchat

На 22.05.1974 пред 49 години е основано Друштвото на ликовни уметници на Битола- ДЛУБ. Друштвото има значајна улога за развојот и афирмацијата на ликовната уметност во Битола, град со богата културна и уметничка традиција. Друштвото во сите тие години организирало групни и самостојни изложби, ликовни настани како и печатење и архивирање на ликовни материјали. Изложбената програма ги опфаќа сите сегменти на уметничко претставување и продукција, до проекти кои се однесуваат на нови медиуми кои се занимаваат со експериментирање. Годишно имаат неколку традиционални изложби: Годишна изложба на ДЛУБ, Ноемвриска изложба и Цртеж и графика.

ДЛУБ се залага за афирмација и на младите уметници. Претседател на ДЛУБ е ликовниот уметник Васко Ѓорѓиев.

Во продолжение Ви го пренесуваме извадокот од весникот Нова Македонија објавен на 01.03.1976 год. од П.С.

„Точно пред две години по иницијатива на КПЗ во Битола, се формира Друштво на ликовните уметници во кое се зачленија околу 20 членови.Првите преокупации на Управниот одбор беа да ги организира ликовните уметници, разгледа ликовните проблеми и побара нивно решение. Во таа смисла се постигнати и задоволителни резултати. Постоењето на Друштвото на ликовните уметници се повеќе се чувствува во организираниот културен живот во комуната.

На првото годишно собрание одржано овие денови, во поднесениот извештај и дискусијата беа насликани и многубројните ликовни проблеми на битолските уметници. Имено, покра друготобеше потцртано дека повеќето членови на Друштвото немаат сопствени простории за работа, творат во своите домови кои ни оддалеку не ги задоволуваат потребните услови.

Во дискусијата Ѓорѓи Десановски побара во иднина битолското друштво да поведе поголема грижа за соработка со ликовните уметници од другите градови, а Коста Хаџи Антоновски истакна дека битолските ликовни уметници треба организирано да се претставуваат и во други градови од Македонија.

Димитар Кочовски Мичо предложи во иднина ликовните уметници да организираат заедничка изложба, зашто на традиционалната градска изложба на 4.ноември, не може да се ограничи учеството на ликовните уметници. Кире Танчевски зборуваше за општествената улога на ликовните уметници и за вреднувањето на ликовниот труд, истовремено апелирајќи на поинтензивно комуницирање меѓу ликовните уметници од соседните градови.

Тоде Ивановски побара проблемот со недостиг од ателјеа да биде што поскоро и посериозно поставен за решавање пред одговорните фактори, а во таа насока беа упатени и дел дискусии на Панде Петров, Стојан Апчевски, Ѓорѓи Џајковски, Гоче Маџевски и Томе Груевски.

Новоизбраниот Управен одбор на Друштвото на ликовните уметници од Битола го сочинуваат: Илија Кочевски, Перо Спировски, Свето Манев, Ранко Струмениковски, Петар Србиновски, Сотир Димовски и Димитар Кочевски Мичо кој е избран за претседател“.

Related Articles