Претставата во режија на Дејан Пројковски „Ана Карењина“, во продукција и изведба на театарот од Нови Сад, Србија, ја доживеа својата 50 та изведба. Се работи за најнаградуваната претстава во историјата на Новосадско народно позориште, а истовремено го вбројува македонскиот режисер Пројковски во редот на најзначајните театарски режисери на денешнината, не само во Македонија, туку во целиот регион. Минатата година тој ја доби Меѓународната награда за режија на 9 Интернационален театарски фестивал кој се одржува во Истанбул, Турција, а која ја доделува најголемото и најпрестижно списание за театарска уметност „Тијатро“ во Турција. Улогата на Ана Каренина ја играше актерката Марта Береш, Алексеј Каренин е Атила Немет, а во улогата на Алексеј Вронцки, публиката го виде Арпад Месарош. Покрај нив, настапија плејада други актери, дел од овој новосадски театарски ансамбл: Золтан Сирмер, Џудит Ласло, Габор Понго, Агота Ференц, Роберт О Швар, Ливиа Банка, Терезија Фигура, Мартин Бохоки и др.Кореограф на театарската претстава е Олга Панго, сценограф Валентин Светозарев, костимограф Марија Пупучевска, а музиката е на Горан Трајковски.Приказната на Л. Н. Толстој за Ана Каренина, објавувана во делови од 1873 г. до 1877 г., како лектирно четиво изминатиов век и половина форматирала безбројни генерации. Ана Карењина во реалистичкиот жанр на Толстој во минатото била опсервирана како трагична фигура во доминантниот патријархат, опомена за тоа каква судбина ќе го следи женскиот пол ако посака љубов по слободен избор, а не во наметнати општествено-политички рамки. Но, зошто во неа да не ја најдеме и нишката на инспирација за подоцнешните погласни пробиви на феминизмот, борбата за родова еднаквост. „Ана Карењина“ досега има добиено над 40 награди на театарските фестивали и секогаш носи преполни гледалишта и покрај тешката тема. Тука се наградите на фестивалот на професионални театри на Војводина, „Тврџава“ фестивал, на фестивалот „Борини театарски денови“ во Врање, “Позоришно пролече“ во Шабац и други, беше рангирана и во најдобрите пет претстави во театарската сезона 2019/2020, според проценката на порталот „Едит култура во Белград“. Оваа претстава заедно со уште една претстава на Пројковски, „Ричард трети“, беа дел од 10.издание на светската Театарска олимпијада во Унгарија.