Home » 69 години Државен архив на Битола

69 години Државен архив на Битола

by culturalchat
Со изложба на документи и фотографии на тема „Македонија памети, никогаш да не се повтори“ посветена на македонските Евреи, денес во Офицерскиот дом, одделението  на Државниот архив во Битола одбележа 69 години од основањето.
Изложбата ја подготвија Државниот архив и Инстутот за национална историја во соработка со Државниот архив на Македонија – одделение Битола. Директорот на Архивот во Битола Гоце Стојановски ги претстави 19те паноа со над 100 фотографии. Оваа изложба беше дел од комеморативните настани по повод 80 годишнината од депортацијата на македонските евреи во концентрационите логори за време на втората светска војна, поточно на 11-ти март во 1943 г. од страна на бугарските окупатори и фашистички сојузници.
„Изложбата дава една ретроспектива на настаните пред воениот период и за време на воениот период. Тоа е една сеопфатна анализа на настаните кои се случувале тој 11-ти март како еден од најцрните денови во поновата македонска историја или најцрниот ден на изминатиот век. Изложбата со посебно задоволство ја отворам во Битола, бидејќи денес прославуваме 69 годишнина од постоењето на Битолскиот архив. Фокус група за оваа изложба ни се основците и средношколците, еве и еден апел за професорите по историја да обрнат поголемо внимание и да дојдат да ја погледнат оваа изложба” -изјави директорот на Државниот архив во Битола, Гоце Стојановски.
Оваа институција е трезор на оригинални документи, писма, фотографии и друг вид материјали од најзначајните политичко-историски процеси, настани и личности за нашата држава.
„Како чувари на колективната меморија, денес градиме и афирмираме пракса на соработка со наследниците на нашите сограѓани Евреи кои биле убиени во логорите на смртта, но тоа го практикуваме и со пошироката заедница, пракса која оди во насока на негување на меморијата, но и кон осмислени истражувачки процеси кои ја збогатуваат нашата национална историја“, беше истакнато на изложбата.
Истата ќе биде поставена во Офицерскиот дом до 31 мај.
„Ќе ни биде особено чест наши гости да бидат и учениците од Битола и пошироко за чија што посета обезбедивме и едукативен дел кој ќе биде презентиран од вработените од нашето Одделение“, изјавија од Државниот архив.
Фотографии: Културно информативен центар – Битола

Related Articles