Home » Александар Поповски се претстави на Театарската олимпијада во Унгарија со „Ричард трети“

Александар Поповски се претстави на Театарската олимпијада во Унгарија со „Ричард трети“

by culturalchat
Градскиот драмски театар „Гавела“од Загреб, гостуваше на 10 -то издание на Театарската олимпијада која оваа година се одржува во Унгарија. Тие ја изведоа претставата „Кралот Ричард Трети“во режија на Александар Поповски во театарот Ворошмарти во Секешфехервар. Во целосно исполнетиот театар, на претставата присуствуваше и хрватскиот амбасадор во Унгарија. Пред самиот почеток на присутните им се обрати директорот на театарот Јанош Сикора, заедно со заменик-градоначалникот Жолт Лернер. По претставата „Сон на летната ноќ“, една од најуспешните во театарот Гавела, режисерот Александар Поповски ја постави шекспировата драма „Ричард Трети“, со режисерска визија која носи исклучителна енергија и политичност, и приказна за амбицијата, властољубието, моќта и желбата за доминација. Имено, низ случувањата во приказната нѐ води лик (антихерој), чии постапки се сѐ – само не морални, но неговата интелигенција е висока, а моќта на расудувањето е разорна, така што не можеме да не патуваме со него, и да не ги гледаме работите (и) со неговите очи. Лордови и кралици, војводи и убијци, исцртуваат фабуларен склоп со висока тензија и напнатост, носејќи свет на театарската сцена, во кој човекот на човек прво му е волк, а потоа е брат, син, пријател, љубовник. Улогата на Ричард Трети ја игра Озрен Грабариќ, а во другите улоги настапуваат Андреј Дојкиќ, Свен Шестак, Мартина Чвек, Дијана Видушин, Ивран Грчиќ, Хрвоје Клобучар, Аница Ковачевиќ и други. Режијата и сценографијата се на Александар Поповски, костимографијата на Мартина Чопо, а светло на Здравко Столник. Музиката е на Марјан Неќак. Ричард Трети е историска драма од Вилијам Шекспир, која се верува дека е напишана околу 1591 година. Првата потврдена изведба била во 1633 година, две децении по смртта на Шекспир. Познатиот македонски театарски и филмски режисер Александар Поповски кој успешно создава театарска магија и надвор од границите на нашата држава, најде инспирација токму во Шекспировото дело да го постави на сцената на театарот Гавела во Загреб. Оваа година тој ја постави Дон Жуан во националниот театар во Будимпешта, на која претстава повторно работеше со композиторот Марјан Неќак. Со него Поповски соработува на повеќе проекти меѓу кои и театарскиот спектакл „Алиса во земјата на стравовите“, инспирирана од романот на Луис Керол „Алиса во земјата на чудата“, која ја имаше својата премиера на сцената во Белград. Позади Александар Поповски стојат бројни претстави како „Метаморфози“, „Хамлет“, „Гробница за Борис Давидович“, „Доплер“, „Градители на империјата или Шмурц“, „Три сестри“,  „Одисеј“,„Брод за кукли“и многу други. За својата долгогодипна работа добил повеќе награди и признанија. Поповски покрај театарската режија е и филмски режисер и тоа на филмовите „Збогум на 20.век“, „Балканот не е мртов“. Во Градскиот драмски театар „Гавела“ Александар Поповски досега има режираше три претстави: Шекспировата „Сон на летната ноќ“, како што е напишано – „една од најиграните и најнаградуваните претстави во историјата на овој театар“, „Пер Гинт“ од Хенрик Ибзен и „Антигона“ од Жан Ануил. Неговата претстава „Последниот балкански вампир“, според текст на Дејан Дуковски, во продукција на Српското народно позориште и Центарот за развој на визуелната култура од Нови Сад, го затвори годинешното издание на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“. Дел од 10-тата театарска Олимпијада се 750 продукции на 400 театарски, танцови и куклени театарски трупи од 58 земји, на кои настапуваат 7.500 изведувачи. Програмите се одржуваат во речиси 100 места низ целата земја. Олимпијадата ќе се одржува до 1-ви јули. Во продолжение дел од аплаузот после изведбата на „Ричард трети“.    

Related Articles