Home » Битолскиот театар со „My name is Medeja” најдобар на 57.МТФ.„Војдан Чернодрински“

Битолскиот театар со „My name is Medeja” најдобар на 57.МТФ.„Војдан Чернодрински“

by culturalchat

Девет претстави во официјална, седум од независна продукција, две од придружна програма и една дипломска претстава беа  дел од програмата на 57. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, што годинава се одржуваше од 9 до 16 јуни.

Во официјалната програма беа  „Чудна случка со кучето во ноќта“ на Драмски театар, „Бесачи“на Македонскиот народен театар, „Инферно“ на велешкиот театар, „Мистерија Буфо“ на прилепскиот народен театар, „Мy name is Medeјa“ на битолскиот, „Три сестри“ на албанскиот театар, „Несфатената цивилизација“ на охридскиот, „Роња, ќерката на ограбувачот“ на Театар за деца и младинци и претставата „Женска гардероба“ на театар комедија од Скопје.

Денес жирито во состав Јанко Љумовиќ, професор на ФДУ од Цетиње, Црна Гора, Мирослав Радољиќ, директор на „Стериино позорје“ од Нови Сад и Милош Латиновиќ, директор на „Битеф“  ја соопшти одлуката за најдобрите остварувања и за најдобрата претстава на 57. МТФ „Војдан Чернодрински“.

Битолската претстава „MY NAME IS MEDEJA“ од Милан Рамшак, а во режија на Себастијан Хорват, ги понесе следните награди:Награда за уметничко остварување во целина; Награда за главна женска улога се додели на Илина Чоревска за улогата на Медеја; Наградата за режија отиде во рацете на Себастијан Хорват; Наградата за музика кај Драго Ивануша, Наградата за рекламен материјал кај Сашо Илковски.

„My name is Medeja“ e претстава за женската моќ. Главната хероина, економска мигрантка од Балканот во Швајцарија, вклештена е помеѓу немилосрдната и безлична бирократија, од една страна, и расипаноста на поранешниот маж, од друга. Медеја се бори, но секој чекор што ќе го направи како да ја турка сѐ подлабоко кон дното и соочувањето со поразот. Во моментот на целосна немоќ, таа сепак пронаоѓа надеж, но надвор од категориите во кои се движела дотогаш (митска омнипотенција/тотална немоќ) – откривајќи дека вистинската сила секогаш се наоѓа во односот со другите. Твојата болка не е само твоја, исто како што и твојата борба не е само твоја.

Режисерот Хорват е еден од најплодните режисери во Словенија. Добитник е на скоро сите значајни и најголеми награди во Словенија и пошироко.Драматург на претставата е Милан Рамшак Марковиќ, српски сценарист и сценски изведувач.Драго Ивануша е композитор на филмска и театарска музика, пијанист и хармоникаш. Тој е еден од најактивните словенечки композитори.

Во претставата покрај Илина играат Огнен Дранговски, Катерина Аневска – Дранговска, Викторија Степановска – Јанкуловска, Јулијана Мирчевска – Мавровска, Иван Јерчиќ, Здравко Стојмиров, Соња Михајлова, Васко Мавровски, Сандра Грибовска – Илиевска, Анастазија Христовска, Никола Стефанов, Кристијан Танчевски.

Сценограф е Валентин Светозарев, костимограф Андреј Ѓоргиевски, асистент на драматургија и режија Брина Јенчек, светло – мајстор Игор Мицевски, тон – мајстор Александар Димовски, инспициент Димитар Михајловски, суфлер Мирјана Христовска. Превод: Оливера Павловиќ, превод на германски и консултант: Симона Монавчева.

Останатите награди од фестивалот отидоа кај:претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ во режија на Зоја Бузалковска: Награда за кореографија и сценски движења за Симон Симоновски, награда за костимографија на Елена Вангеловска и Раде Василев, награда за сценографија за Константин Трпеноски, награда за најдобра женска епизодна улога за Емилија Мицевска за улогата на Џуди, главна машка улога за Дамјан Цветановски за улогата на Кристофер Бун.

Наградата за современа сценска драматизација ја доби Лидија Митоска-Ѓоргиевска за „Мистерија Буфо“
Наградата за млад актер „Трајко Чоревски“ ја доби Хакан Даци за улогата на Катуриан во претставата „Човек перница“ во изведба на Турскиот театар од Скопје, копродукција со „Машина продакшн“ и „Пик продукција“. За истата претстава, за улогата на Микаил, актерот Дин Ибрахим ја доби наградата за најдобра машка епизодна улога.
Наградата за млада актерка ја добива Матеа Јанковска за Роња во „Роња, ќерката на ограбувачот“ на Театар за деца и младинци од Скопје.

Уметничкиот директор Љумовиќ истакна дека „My Name is Medeja“ и „Чудна случка со кучето во ноќта“ се издвојуваа по својата естетика и по истражувачкиот театар што во нив го има.

-Естетските и уметничките квалитети на претставата на Битолскиот театар, и ставот на режисерот Хорват кој влегува во проблемите на современоста се нешто импресивно кои ја означуваат мисијата на театарот денес. Денешниот театар ја промислува современоста преку стварноста. Очигледно има две претстави кои се издвојуваат. Тие претстави покажуваат високо постигнат уметнички резултат, ансамблите исклучително го изнесоа режисерскиот концепт – истакна Љумовиќ.

Наградата за текст не се додели.

Фестивалот оваа година започна со претставата „Инферно“ на театарот „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ од Велес , а вечер од 20 часот во Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе бидат доделени наградите на најдобрите и во нивна чест ќе биде изведена претставата „Последниот балкански вампир“ во режија на Александар Попоски, а гостува Српско народно позориште од Нови Сад со што се затвора годинешниов МТФ „Војдан Чернодрински“.

Оваа година Фестивалот се одржуваше под мотото „Враќање дома“.

 

 

 

Related Articles