Home » Битолчанецот Сашо Татарчевски диригент на роденденскиот концерт на ФМУ

Битолчанецот Сашо Татарчевски диригент на роденденскиот концерт на ФМУ

by culturalchat

Факултетот за музичка уметност во Скопје оваа година одбележува 57 години од своето постоење.По тој повод беше организиран свечен концерт во големата сала на македонската Филхармонија.

На годишниот концерт со програма од Д. Шуплевски, А. Перт, С.Прокофјев, А. Глазунов, А. Пијацола, Д. Даутовски и К. Костов, учествуваа Симфонискиот оркестар на ФМУ, Камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“, мешаниот хор „Драган Шуплевски“, студенти од одделот за народни инструменти, студенти од одделот за популарни жанрови, професорите Драган Даутовски, Сашо Татарчевски, Борјан Цанев, Кирил Туфекчиевски, Иван Иванов, Андријана Јаневска, Гордан Спасовски, Зоран Костадиновски и уште многу сегашни и идни ѕвездени имиња од македонската музичка сцена.

Диригент беше битолчанецот професорот Сашо Татарчевски кој истакна:

„ Да се биде некому учител е голема чест и одговорност. Јас се чувствувам навистина привилегиран што имам можност да едуцирам и воспитувам повеќе од стотина студенти секоја година и тие да ме гледаат како нивни учител. Иако се потешко е да се мотивираат младите луѓе (за било што) и понекогаш имам чувство дека сето себетрошење и максимално вложување е попусто, сепак, на настани како концертот по повод патрониот празник на ФМУ (6ти декември) сфаќам дека фаќало корен тоа што упорно им го пренесувам. Сакам да им честитам на моите студенти од хорот „Драган Шуплевски“, камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“, како и на нашите поранешни студенти кои со огромна желба и позитивна енергија зедоа учество во програмата за концертот. Посебно сум горд на мојата студентка по Хорско диригирање Калина Ристова, која извонредно го раководеше хорот при изведбата на химните. Мила Тренеска ја воодушеви публиката со својот тапан, а одличен солистички настап имаше и Алба Зекиро во композицијата „Пролет“ од Астор Пијацола. Се надевам дека енергијата која се создаде во салата на Македонската филхармонија и исклучително позитивните коментари поврзани со концертот ќе бидат поттик на овие млади луѓе за будење на жедта за знење и достигнување на целиот потенцијал кој го носат во себе. Честит да е роденденот на ФМУ и да ни е за многу години“.

После концертот беа доделени признанија и благодарници на пензионираните професори,  „со цел да им се покаже дека се ценети, сакани, вреднувани за нивниот придонес и засекогаш ќе бидат дел од нашето ФМУ семејство“, истакна деканката Дарија Андовска.

Во рамки на ФМУ делуваат и повеќе ансамбли како Симфониски оркестар, камерниот оркестар “Солисти на ФМУ“, мешаниот хор “Драган Шуплевски“, народен оркестар и Биг бенд. Сите овие ансамбли претставуваат значајни субјекти за културниот живот на Македонија, реализирајќи бројни домашни и меѓународни проекти.

Факултетот за музичка уметност – Скопје е јавна високообразовна установа во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, која преку својата високообразовна дејност директно влијае врз развојот на македонската култура и уметност. Почнувајќи од 1966 година оваа институција, покрај високообразовната, врши и научно-истражувачка, уметничка и применувачка дејност од областа на музичката уметност.

 

Related Articles