Home » Битолчаните Владимир Костов и Марко Поп Ристов одржаа заеднички концерт

Битолчаните Владимир Костов и Марко Поп Ристов одржаа заеднички концерт

by culturalchat

Во Камерната сала на Филхармонија настапи дуото виолини: концертмајсторот на филхармонијата Владимир Костов и Марко Поп Ристов, дипломец на престижниот Кралски колеџ во Лондон кој има успешна карирера надвор од нашата земја. На програмата беа дела од Глиер, Шпор и Горецки.

Камерните концерти имаат посебна атмосфера – музичарите кои свират на сцена имаат интимна, блиска и непосредна комуникација со публиката, па така беше и на овој концерт.

Костов (1975) е роден во Битола каде што го започнува своето музичко образование. Студиите по виолина ги завршува на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Михајло Куфујонакис, каде што и магистрира, а стручно се усовршува кај повеќе истакнати педагози.

Костов е единствен музичар од Македонија кој повеќепати е избран да членува во реномираниот Светски оркестар на Музичката младина, настапувајќи на турнеја во Европа, Америка и во Азија и соработувајќи со врвни диригенти. Неговата приказна со Филхармонијата почнува уште во студентските денови. Основач е на фестивалот за млади виолинисти  „Виолин-фест“. Моментално работи како концерт-мајстор во Националната филхармонија и како доцент на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Како солист со Македонската филхармонија има настапувано неколку пати досега, изведувајќи ги Концертот за виолина и виола од Моцарт, Концертот за виолина и виолончело од Брамс, премиерно го изведе и Концертот за виолина на Глас, како и Концертната пиеса за две виолини од Шнитке „Моц-Арт ала Хајдн“. Интересен е фактот што на овој концерт немаше диригент. Костов беше дел и од балканската турнеја на познатиот No borders Orchestrа, кој е составен од најдобрите професионални музичари од Балканот како концерт-мајстор и солист.

Марко Поп Ристов дипломирал на Ројал Колеџ оф мјузик (Лондон) во 2009 година. Се здобил со титулата магистар по камерна музика на музичкото и драмско училиште Гилдхол во Лондон, а во истиот период го имал и своето деби во Барбикан во 2012 година. На возраст од 16 години бил поканет и награден со стипендија да студира кај професор Павел Верников во „Scuola di Musica di Fiesole“ во Фиренца, Италија. Има добиено повеќе први награди на различни интернационални натпревари. Свири како солист со Кенсингтон синфонија (Британија), Orchestra dei Ragazzi (Италија), Битолскиот камерен оркестар и Националниот симфониски оркестар на Македонија. Со неговиот Ристов квартет, настапувал на фестивали и сцени ширум Европа, како Британија, Франција, Швајцарија, Македонија, Косово и Србија. Во 2010, квартетот бил поканет да настапи со Ромбах пијано триото на П. Дусапин на сцената на Би-Би-Си Промс. Од неговото доаѓање на Нов Зеланд во 2013 година, Марко е редовен изведувач во Филхармонискиот и Камерниот оркестар на Окланд, а воедно е и водач на втори виолини во оркестарот „Бах музика“.

Related Articles