Home » Васко Атанасовски и Елиас ладино ансамблот настапија на Локум фест

Васко Атанасовски и Елиас ладино ансамблот настапија на Локум фест

by culturalchat
Фестивалот Локум фест втората вечер продолжи со настапот на „ Елиас ладино ансамбл“, од САД, кои ја потсетија битолската публика на препозналивите ладино песни на стара Битола. Оваа група ја врати музиката на македонските Евреи дома. Од 1976 години овој ансамбл свири сефардска музика на концерти и фестивали низ целиот свет. Кларинетистот Даниел Елиас, основачот на оваа група ја слушнал музиката својствена за битолските Евреи преку песните кои неговата баба му ги пеела на неговиот татко. Морис Седака, исто така потекнува од семејство на сефардски музичари. Неговите мајка и дедо, исто така пееле песни кои ансамблот денес ги изведува. Заедно со перкусионистот Кејс Бонд и басистот Марко Брем, ансамблот ќе свири музика која повеќе од 80 години не е слушната на овие простори.После Битола настапуваат во петок на Охридско лето. Вториот концерт му припадна на големото музичко име со македонски корени, словенечкиот музичар Васко Атанасовски, кој  настапи со промоција на албумот „Мелем“, а специјален гостин на концертот беше македонската пејачка Добрила Грашеска. Заедно со Васко настапија и Зоран Мајсторовиќ и Марјан Станиќ. Во текот на годините Атанасовски има соработувано со познатиот хармоникаш од Италија Симоне Занчини и веќе повеќе години соработува со Влатко Стефановски, со кого направија извонреден проект Fire&Ice.Настапувал во Кина, Индија, Аргентина, Њујорк, како и во Европа, така и на Балканот.Има издадено 13 албуми. „Секој албум има своја приказна и луѓето кои го направиле тоа, така што секој е уникатен и посебен. Можеби некои од нив се пресудни за мојата кариера да оди во нагорна линија, како што се: „Heat Flower“, „Tanatos Eros“, „Bohemia“, „Come to me“ „Fire & Ice“. Како и моментално најпознатиот „Melem““, истакнува Атанасовски. Во рамките на оф програмата беше презентирана изложбата во соработка со Државниот архив,одд.Битола,  изложба на фотографии издвоени од фондот “Браќа Манаки” посветена на животот на еврејската заедница во Битола симболично насловена “La Mahalle – битот на нашата ладино заедница”. Битола била амалгам на култури, чии сведоштва за наша радост се зачувани во Државниот архив-одд.Битола.Ова е трета соработка на Аргивот со Локум фест и како што истакнуваат, навистина се горди на тоа. Дружењето продолжи во Хотел Театар, со вечер посветена на ладино музиката.

Related Articles