Home » „Велигден е, Ѓурѓовден е“-се одржа Велигденскиот концерт на Танец

„Велигден е, Ѓурѓовден е“-се одржа Велигденскиот концерт на Танец

by culturalchat

Во Македонската Опера и Балет, се одржа Велигденскиот концерт на ансамблот Танец, насловен „Велигден е, Ѓурѓовден е“, во неговата јубилејната година кога ја чествува 75-годишнината од своето основање. На концертот настапи целиот ансамбл – хорот, орестарот, солистите и играорниот кор, а беше изведена раскошна програма, во која централниот дел беше посветен на доаѓањето на најубавиот период на годината – пролетта. Таа оваа година ексклузивно, во исто време, ни носи два големи празници – Ѓурѓовден и Велигден. Оваа вечер, публиката уживаше во многу вокални и вокално-инструментални точки.На репертоарот на овој концерт беа: „Два орли се биле“ на женската вокална група на ансамблот, „Утре е света недела“ на машката вокална група, „Ѓурѓово лето, пролето“, видеоприказната „Да исчистиме гревовите, да испадиме духовите“. Беше поставена и „Мечкари“, фрагмент од кореографската постановка „Прилепски игри“, која е инспирирана од традицијата за верскиот празник Прочка. На овој ден пред почетокот на велигденскиот пост, луѓето меѓусебно си простувале, а најинтересен детаљ на покладните обичаи во Прилеп биле обредните машки поворки со чист пагански карактер. Станува збор за т.н. мечкари – мажи маскирани во мечкини маски, направени од пресни кожи. Кореографијата е на Стојче Каранфилов.
Публиката ја погледна и кореографската постановка „Мариовска тресеница“, една од постарите во репертоарот на „Танец“. Станува збор за женска обредна пролетна поворка од Мариово, поврзана со денот Чист понеделник, понеделникот по Прочка, кога започнуваат долгите велигденски пости и кога домаќинките ги чистат своите домови и ги обезмастуваат садовите за храна за големиот пост. Игроорките во оваа постановка се облечени во богати автентични носии од мариовскиот крај, што дополнително остава импресивен сценски впечаток. Кореографијата е на Јонче Христовски.
На програмата беше и „У ливаду“ (2023). Во оваа најнова кореографска постановка на „Танец“, која во оваа пригода ја доживеа својата премиера, преку обработка на изворни ора, песни и соодветни кореографски решенија, се прикажуваат сцени од една селска ливада. Самото драмско дејствие започнува со моментот кога четири млади момчиња, еден по еден се упатуваат кон ливадата, каде што веќе се собрани младите моми, кои веќе разиграно се дружат и берат цвеќе. Со самото пристигнување на момчињата, преку песни и игри, започнува додворувањето, кое потоа прераснува во надигрување со друга група млади момчиња за освојување на женското внимание. Оваа машка „борба“ ја спречуваат девојчињата, со нивно приклучување кон играта, па сите завршуваат во едно заедничко дружење и надигрување. Кореографијата „У ливаду“ се темели на фолклорот од источниот дел на Славиште и Дурачка Река. Кореографијата е на Јовица Блажевски.Кореографската постановка „Свадба“, пак, претставува своевидна фолклорна драма, инспирирана од најважниот и најрадосен момент од животот на човекот – свадбата. Низ обичаите, игрите и песните „Засеја мома, пресеја“, „Плетат моми до три зелени венца“, „Брале се, брале сватови“, „Идат, итени сватови“, „Свекрвиното“, „Невестинското“, „Кумовото“, „Месариското оро“ и другите народни творби застапени во постановката, е прикажан духот на македонската свадба од Скопска Блатија. Кореографијата е на Благоја Филиповски.Беа емитувани и тематски видеоинтермеца на етномузикологот Бранка Костиќ-Марковиќ, за чија изработка се користени материјали од архивите на МРТ, Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје и Музејот на Македонија. Целиот концерт беше мултимедијално заокружен така што на публиката  и беше овозможено незаборавно аудио-визуелно уживање.

 

 

 

 

 

 

Related Articles