Home » Во Битола промовирана книгата „Деконструкција на празнината“

Во Битола промовирана книгата „Деконструкција на празнината“

by culturalchat
„Деконструкција на празнината“ е нова книга раскази напишана од универзитетскиот професор Даниела Андоновска-Трајковска. Книгата е во издание на Центарот за култура и културолошки студии. Во истата се застапени 57 раскази, поделени во седум циклуси: Деконструкција на танатосот, Деконструкција на празнината, Деконструкција на дијалогот, Деконструкција на домот, Деконструкција на живиот текст, Деконструкција на поезијата и Деконструкција на поезисот. Книгата во Офицерскиот дом ја промовираа Мишел Павловски и Борче Панов. Панов во поговорот на книгата напиша: „Даниела Андоновска-Трајковска жестоко ја напаѓа празнината од сите агли и дискурсите на еросот, танатосот и поезисот како врховен генезис на една животна драма. Таа ја поставува празнината како распетие на антиматеријата која практично не е празнина, туку густа исполнетот. Токму поради тоа нејзините записи во оваа книга повеќе наликуваат на епистоларен дневничен композит со шармот на интима, на кореспондеција со најдлабокото во самата себе. И токму тука се случува метаморфозата на овој лирски прозен феномен со кој практично се случува промената и деконструкцијата на празнината.“ Презентација на делови од книгата модерираше Билјана Граматковски, а за публиката беше понуден и музички дел во изведба на Горјана Стојановска. Неодамна Даниела Андоновска-Трајковска на Светскиот поетски фестивал во Крајова, Романија, го доби Златниот медал за заслуги во областа на културата во национални и меѓународни рамки,како  и реномираната поетска награда, „Михаи Еминеску“ за 2023 година, што ја доделува истоимената меѓународна академија на чело со универзитетскиот професор д-р Јон Деаконеску и Европската академија на науките, уметностите и хуманистичките науки. Беше прогласена и за амбасадор на културата. Даниела Андоновска-Трајковска (1979, Битола) е македонска поетеса, прозаистка, книжевна критичарка, доктор на науки по педагогија во областа на методиките и редовен професор по методика од областа на јазикот и литературата на Педагошкиот факултет – Битола. Член е на: Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ), Славјанската литературна и уметничка академија со седиште во Варна, Битолскиот книжевен круг (БКК) и Македонското научно друштво (МНД) – Битола каде во два мандата била претседател на Уредувачкиот совет. Главен уредник е на книжевните списанија „Раст“ (БКК) и „Современи дијалози“ (МНД). Има објавено над 100 научни трудови, 9 книги поезија, книга со раскази, коавторска поетска книга на англиски јазик во Индија, книга на арапски јазик објавена во Обединетите Арапски Емирати, коавторска песнарка за деца, две меѓународни публикации од областа на образованието и еден универзитетски учебник. Преведена е на над 40 јазици и добитник е на неколку книжевни награди меѓу кои: Празник на липите (ДПМ, 2018), „Крсте Чачански“ за проза (2019), Караманов 2019 за поезија, Македонска книжевна авангарда (2020), Abduvali Qutbiddin (Узбекистан, 2020), Premio Mondiale “Tulliola-Renato Filippelli” (Италија, 2021), “Città Del Galateo – Antonio De Ferrariis” (Италија, 2021) и „Ацо Шопов“ за „Математичка поезија“ (ДПМ, 2020).

Related Articles