Home » Врвни професионалци дел од жири комисијата за годинешното Битолино

Врвни професионалци дел од жири комисијата за годинешното Битолино

by culturalchat

После долга пауза од седум години на 12то издание на ИДТФ „Битолино“ повторно ќе биде доделена наградата „Гран При за најдобра претстава во целина“.За наградата ќе одлучуваат тројца врвни уметници основачи на новото здружение на детски театри – Македонски национален центар АСИТЕЖ.


Претседател на жири комисијата ќе биде Благој Мицевски, режисер и костимограф, а покрај него како членови на жири комисијата се: Игор Ивковиќ, театарски режисер и Миодраг Неќак, композитор.

Благој Мицевски има препознатлив визуелен печат, чија матична куќа е Битолскиот народен театар, а чии уметнички костимографски решенија, повеќе од 30  години се дел од големи театарски претстави, опери, балет, танцов театар, претстави на врвни режисерски имиња во Европа и пошироко. Од сцените во Љубљана, Белград, Сараево, Нови Сад, Братислава и многу други, до нашите македонски сцени, секогаш финалниот резултат е нешто што не се заборава, костими кои им даваат на претставите своевидна препознатливост.

Од 1993 до денес е постојан член на ансамблот на НУ.Народен театар Битола. 6 години беше уметнички директор на Битолскиот театар, период во кој театарот забележува голем меѓународен подем. Тој е и идеен творец на „Битола Шекспир фестивалот“, за кој беше селектор во првите 5 изданија, период во кој фестивалот стана член на Европската асоцијација на Шекспир фестивали. Има режирано 15 претстави, кои гостувале на фестивали во земјава и странство и биле наградувани. Беше костимограф и во два филмови, а учествувал и на повеќе изложби.

За својата работа, Благој Мицевски има добиено повеќе награди. Минатата година ја доби и  наградата за најдобра костимографија на 56.издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ за костимографијата во претставата „Артуро Уи” во изведба на Битолскиот театар. Во неговото портфолио се костимографиите за претставите: „Идиот“ од Достоевски, во режија на Андреј Цветановски во театарот во Нови Сад, претставата „Крал Едип“ во режија на Диего Де Бреа во Сараевскиот театар, претставата „Големиот Диктатор“ во Драма Љубљана и други.

Миодраг Неќак од 1991 г. активно се занимава со компонирање, аранжирање, оркестрација и тонска обработка. Хронолошки гледано, неговите први композиции се направени за потребите на детските фестивали („Си до“, „Златно славејче“ и др.), но скоро паралелно започнува да работи на изработка на музика за театар, музика за документарни ТВ–емисии, изработка на аранжмани за популарна и народна музика и тоа за: „Скопски фестивал“ 1994–2000 г. (ревиски оркестар), аранжмани за камерен оркестар за староградска музика „Серенада“–Битола, и „Макфест“, „Валандово“, „Интерфест“ итн. Во областа на театарот има голем опус на претстави (над 60) во театрите низ Македонија, Бугарија, Русија, Татарстан. Во странство работи музика базирана на македонски мотиви, афирмирајќи ја Република Македонија како автор. Во 1995 г. ја добива наградата „Војдан Чернодрински“ за музика во театарската претстава „Бегалка“ од Васил Иљоски.

Како долгогодишен соработник на Македонската РТВ, изработува музика за сериите „Големи и Мали“, „Здраво, генијалци“, „Дајте музика“, музика за разни најавни и одјавни шпици, разни сонгови и е тонски соработник во одредени ситуации. Тука е и музиката за играниот филм „Крчма на патот за Европа“, музиката за ТВ–филмот на Димитрие Османли „Стрмоглави“ (2006 г). Исто така, ја изработува и музиката за проектот „Хераклеа и Ликиниј“, 22 музички аранжмани и обработка на оригинални песни од Ајри Демировски.

Автор е и на музиката и аранжманот во рамките на проектите: „Еден ден во Битола“ (2005), „Душата ми е во Битола“ (2007) и „Мојата песна“ (2010), кои се инспирирани од богатата битолска староградска традиција. Од многубројните награди и признанија во областа на забавната музика на фестивалите кои се организирани во Битола, би ги издвоиле: Гран при награда за најдобра композиција на Фестивалот „Интерфест“ 1994 г., за композицијата „Не ми било судено“, Прва награда од публиката на „Си до“ 1991 г., за композицијата „Супер бабичка“, Прва награда од публиката на „Си до“ 1995 г., за композицијата „Ако“, неколку награди на фестивалот „Тралала“ како и многу други.

Игор Ивковиќ низ годините на професионалната кариера се развива во правец на создавање театарски претстави за деца. Од 2014 година тој е вработен во Н.У.„Театар за деца и младинци“ и неговата претставата „Мачорот во чизми“ беше вистински хит на репертоарот на театарот. Децата се неговиот фокус за работа затоа што смета дека влијанието кое може театарот да го создаде на таа возраст е траен капитал кој што го носи секоја индивидуа.

„Од игра до претстава“ е насловена публикацијата чиј автор е токму  Ивковиќ заедно со Афродита Кирјаковска. Станува збор за прв театарски практикум во земјава наменет за деца, но и за сите оние кои сакаат низ креативните игри да ги откриваат тајните на сценската уметност. Сите овие игри се практикувани во повеќе годишната континуирана едукативна пракса на училиштето „Од игра до претстава“ каде Ивковиќ се залага за театарско образование уште од основното училиште, па дури и во предучилишно. Тоа е неопходно од причина што низ таканаречените театарски игри кои се методолошки конципирани се работи на поттикнување на креативноста, на унапредување на социолошките вештини, психолошкиот развојот на детето.

Покрај сите активности во официјалната програма за време на фестивалот Битолино, ќе се одржат и неколку состаноци на Македонскиот национален центар АСИТЕЖ чиј борд во полн состав ќе биде присутен во Битола и се разбира надвор од конкуренција ќе се одиграат и претстави во продукција на театарската школа „Бабец“.

 

Related Articles