Home » Групата „Баклава“ го отвори 17.издание на Локум фест

Групата „Баклава“ го отвори 17.издание на Локум фест

by culturalchat

Со промоцијата на новиот албум и концертот на групата „Баклава“ на платото на Офицерски дом , започна 17- то издание на Балканскиот етно-фјужн фестивал „Локум фест-музика и традиција“ 2023 . „Скопје, со љубов“ е насловот на петтиот албум на групата. Бендот го продолжува своето музичко патување, а овој пат раскажуваат приказни за Скопје. Не само за нејзините населби, маала и други топоними, туку и за менталитетот и љубовта на граѓаните. Елена Христова, е автор на целиот албум : продуцент, композитор, аранжер, како и на текстот. Други учесници во проектот се: Владимир Стојчевски (бас), Тимко Чичаковски (канон), Дејан Теодосиевски (виолончело) и Петар Христов (саксофон). Токму „Баклава„ беше доволна провокација за бројната публика да ги заземе седиштата уште пред концертот да почне.

Фестивалот досега се одржуваше во Старата битолска Чаршија а од оваа година за прв пат во Офицерскиот дом.

Програмата продолжи со музиката која доаѓа од соседна Грција, Loxandra Ensemble.Токму концертот на оваа група ја вивна атмосферата до еуфорија , танц и овации.

Оваа година за прв пат на Локум фест има и ОФФ програма , па така првата вечер во Вино бар Буре на Магнолија, беше во знакот на музиката на Баклава. Вечерта македонската чалгија го озари лицата на присутните, а појавата на виртуозот на кларинет почитуваниот Вевки Амедов ја подигна атмосверата до еуфорија.Тоа беше доволна „провокација“ за членовите на Loxandra ensemble  да се приклучат со интерпретирање на традиционална музика.

Покрај пешачката улица крај Драгорот, посетителите ќе имаат можност да погледнат ракотворби, да се засладат со локуми, турско кафе, добра храна и радост. Традиционално на сите три фестивалски вечери ќе бидат присутни ЗУР Македонски ракотоворби , ќе има крушевски и битолски локум, и презентации на рачно изработени производи и секако кафе.

„Локум фест“ е фестивал што започна пред 17 години во Старата битолска чаршија. Самото име е изведено од конзулската традиција со локум и кафе да се пречекаат соседот, патникот, добронамерникот и е синоним за отвореност, мултикултурност, средба меѓу културите. Всушност, една од главните функции на фестивалот е преку различните музички форми (традиционални и стилизирани, чалгија, „fusion“, „world music“) да се покажат целиот амалгам и раскош на култури, етноси и обележја на конзулска Битола.

Фестивалот се реализира со средства на Министерството за култура, Општина Битола, Пред плус фондацијата, Амбасадата на Р.Словенија во Скопје, Генералниот конзулат на Р.Грција во Битола, КИЦ Битола како и бројни пријатели и поддржувачи.

Денес програмата продолжува со нашите „битолчани“ од Њујорк, Elias ladino ensemble, а соработката со Државниот архив-одд.Битола ни носи прекрасна изложба на фотографии од музичкиот живот на битолските евреи. Втората вечер  се затвора со познатиот македонско-словенечки мајстор на саксофон Васко Атанасовски и промоција на неговиот албум на балканска музика„Мелем“ со пеачката Добрила Грашеска.

Дружењето продолжува во Хотел Театар, со вечер посветена на ладино музиката.

 

Related Articles