Home » Денес на Битолино претстави од Израел, Грција и Србија

Денес на Битолино претстави од Израел, Грција и Србија

by culturalchat

Во рамките на Битолино денес беше изведена претставата „ Скитници“ на „Hippo theatre group“ од Грција, претстава во режија на Александрос Раптис и Фотис Доусос.Станува збор за Театарската група „Хипо“ која е основана во 2009 година од Фотис Дусос и Александрос Раптис во Атина, Грција. Областа на делување на компанијата е театарот за деца во кој комбинирајќи различни театарски теории, техники на изведба и музика во живо, произведува стимулативни претстави за младата публика. Претставата е исполнета со комични моменти, помеѓу драмските делови вклучени се игра и едукативни активности, со што за младите гледачи се создава богато интерактивно искуство кое ќе остане незаборавно.

Со почеток од 19:30 часот, на големата сцена  на НУ Центар за култура Битола, ќе биде изведена претставата „Под половина капка вода“ на „Станица – сервис за современ танц“ од Србија, во режија на Јована Ракиќ, Марко Милиќ, Милица Писиќ и Милена Тодоровиќ.

„Под половина капка вода“ е продолжение на долгогодишната работа на група уметници собрани во организација „Станица – сервис за современ танц“, заинтересирана за истражување на нови формати во полето на современиот танц и изведувачките уметности за деца и младата публика.Оваа претстава ќе се занимава со детската игра која во основа е биоцентричен поглед на светот кој сугерира дека сè што постои има иста важност и причина за постоење, како и специфичен однос кон она што го опкружува, вклучувајќи го и детето како индивидуа.Претставата содржи елементи на современ танц и инсталација. Тоа ни го дава можност да размислиме за врската помеѓу светот во кој живееме и самите себе, во каква врска сме, како влијаеме еден на друг, дали зависиме еден од друг или постоиме одделно, секој за себе. Биоцентричниот пристап се заснова на давање подеднакво значење на сè околу нас, без хиерархија која дава предност на еден јазик, една личност или една уметничка насока. Една од целите на ова претставата е сензибилизација и едукација на децата за современ танц, како и заштита на животната средина. Претставата се одвива преку движење низ просторијата и заедно со танц и други медиуми развива ситуации во врска со односот помеѓу суштествата и нештата што ги среќаваме во перформанси. Интерактивната танцова претстава „Под половина капка вода“ и разговорот уметници-публика ќе го вклучи, развива и поттикнува процесот на посредување помеѓу танцот и изведувачките уметности. Ова ќе биде уште една претстава во низата на современи претстави кои биле дел од програмата на ИДТГ Битолино а се занимаваат со суштинските проблеми на театарот, уметноста и вклученоста на децата во истите.

Со почеток во 20:30 часот на Новата сцена на НУ Центар за култура Битола , гостува „Ruti Tamir Mime and Theatre“ – Израел, со претставата „Каде е Фофо“ во режија на Рути Тамир.

Се работи за авторски проект на победничката на 5то издание на ИДТФ Битолино Рути Тамир. Таа своето образование за театар го стекнува на универзитетите во Мајами и Флорида во САД а пантомима студира во Охајо, Њујорк и Париз. Оваа претстава е смешно, кловновско, чудно шоу, речиси без зборови. За барањето, надежта и пронаоѓањето на уникатниот Фофо, кој всушност е во сите нас. Со единствена и перфектна техника и огромен талент, визионерски и исполнет со имагинација, претставата речиси без зборови остава многу простор за размислување и интерпретација и ја одржува младата публика внимателна и будна, посветена во пловидбата низ нивната фантазија. Публиката ќе има можност повторно да заклучи дека способноста на Рути Тамир да раскаже целосна приказна со своето тело и изрази на лицето е чиста магија. Таа ја задржува страста во својата мимика и успева да ја привлече публика и млади и стари благодарение на нејзиниот голем талент. Претставата ќе ги допре срцата на сите деца во публиката. Рути Тамир ќе ја вовлече целата публика во магично и волшебно патување на сцената. Оваа претстава ќе им даде многу материјал на родителите за жив филозофски разговор со децата на пат кон дома.

 

 

Related Articles