Home » „Дно“- најнов видео запис на Александар Гулевски

„Дно“- најнов видео запис на Александар Гулевски

by culturalchat

„Секогаш на крајот, остануваш сам.

Глаголиш во себе, со непознат глас.

Од каде тие мисли? Од каде одговори?

Кој си Tи што мир ни носиш, во немирни дни“.

Ова се дел од стиховите во најновата песна на Александар Гулевски со наслов „Дно“ од албумот „НЕ“. Музиката и текстот се на Гулевски, видеото  е дело на Cottonbro Studio. Песната е снимена во студио Црноризец Храбар, мастерингот е на : CloudBonce. Гулевски благодарност упати и кон Сашо Миленковски и Атанасија Гулевска.

Околу идејата за „Дно“, Гулевски ни изјави:

„ Песната е создадена како реакција на севкупната состојба и кај нас и во светот. Но, состојба која е во нас, во нашите души, умови, во нашето срце. Почнавме да живееме по инерција, некој живот кој е само тоа по име, а всушност, сите чувствуваме длабоко во себе дека нешто не е во ред. Дека нешто фали. Се* однадвор изгледа перфектно и испеглано, но внатре, празнина. Ете, за тоа зборува Дно. Дно е последниот стадиум, подолу човечкото суштество не може да оди. Само Горан Стефановски отиде и подалеку, во неговата драма Дупло дно“.

Инаку м-р Александар Гулевски  е историчар на уметност, Советник за црковна уметност и архитектура при Преспанско-пелагониската православна епархија.

Роден е на 29 јануари 1968 год., во Загреб. Основно образование завршил во Загреб, Белград и Скопје, а средно во Скопје. На Институтот за историја на уметноста со археологија при Филозофскиот факултет во Скопје се запишал во 1986 год. Во текот на студиите, во периодот од 1988 до 1991 год., како штитеник на Археолошкиот кантонален завод Фрибург во Швајцарија,  учествувал во археолошкото истражување на локалитетот Муртен,  под раководство на Жан-Лук Буасаберт. Во текот на својот студиски престој во Фрибург го запознал швајцарскиот уметник Серж Дубуа од Корсери и компонирал музичка илустрација за неговата вајарска инсталација „Пчекарни полиња“ (1991). Во 1995 год., под менторство на академик Цветан Грозданов, дипломира на тема од областа на византискиот фрескоживопис на Институтот за историја на уметноста со археологија при Филозофскиот факуклтет во Скопје.

Во 2008 год., со одлука на Mитрополитот Петар, поставен е за псалт во Соборната црква на Преспанско-пелагониската православна епархија „Св. Димитриј“ во Битола, со задолжение да го возобнови византиското црковно пеење.

Во 2012 год., на Институтот за национална историја во Скопје, под менторство на Викторија Поповска-Коробар, ја брани магистерската теза „Културно-историскиот аспект на темата Литургиска служба на архијереите во олтарскиот фреско-живопис во Македонија од XI до  XIV век“, и се стекнува со академски степен магистер по историски науки. Објавува авторски текстови, главно од областа на византискиот фрескоживопис и иконопис. Го познава византиското црковно пеење, кое го проучува и практикува веќе три децении. Од 1996 г., вработен е во Светата митрополија Преспанско-пелагониска во Битола. Има објавено повеќе авторски трудови, текстов во книги, книгата: 40 Фејсбук приказни, преводи.Бил дел и од повеќе изложби, театарски и музички проекти меѓу кои: Македонски документ чекор прв – Fresh (Revolution), Скопје 1994 (CD),  Парите се отепувачка, Љубојна – Битола 2005 (CD), Македонско девојче I – Каролина Гочева, Скопје 2008 (CD), Шербет Љубојна – Љубојна и Исмаил Лумановски, Битола 2015 (CD), Дух – Дејан Дуковски (реж. Сашо Миленковски), Охрид 2021, Црнило – ВЕЛ, Битола 2021 (CD).

„Александар Гулевски припаѓа на старата гарда на музичари кои на почетокот на деведесеттите го трасирале патот на сегашната плејада на музичари. Започнувајќи во групи како Санс, Фреш, од денешна гледна точка вредни за напомена, транзитира за кратко во Мизар, за да со својата музичка капсула се појави во денешно време исто така за кратко во групата Вел. Се појавува во време кога го снимаат својот албум првенец и несебично ја нуди својата песна “Незалезна”, која стилски се разликува од целиот материјал на албумот. Се чини дека успехот на истата претставува иницијална каписла и го предодредува неговиот иден музички правец.Александар Гулевски е видно освежување на музичката сцена“, пишува своевремено Илија Талев.

Песната може да ја слушнете на следниот линк:

 

Related Articles