Home » Заврши првиот Детски камп за класична музика во Битола

Заврши првиот Детски камп за класична музика во Битола

by culturalchat

Во свечената сала на КИЦ, Офицерскиот дом се одржа свечениот концерт во рамките на проектот “Детски камп за класична музика”. На истиот настапија 30 млади таленти од Македонија, Србија и Албанија и тоа: Алексеј Белевски, Фотина Наумовска, Вики Мучолари, Јане Петровски, Дуња Мрваљевиќ, Бјорн Троја, Изабела Ѓеоргиев, Милана Јанчиќ, Алекс Евро, Исидора Видовиќ, Тамара Василевска, Вук Немаровиќ, Димитри Пелумби, Леон Жарко, Катерина Насто, Матеа Стојаноска, Ериса Морава, Јована Арсоска, Јана Блажеска, Ернест Таселари, Аница Нелоска, Јони Теодори, Ерика Ахмети, Јурген Мехметлари.

Корепетитори беа Верица Дивитарова, Паола Кондакци и Анастасија Холц. На овој настан присуствуваше и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.

Концертот беше како круна на деновите поминати заедно на учесниците во кампот, во меѓународна културна симбиоза, блесна и го заокружи настанот, со што Битола се збогати со уште еден културен настан за паметење. Самиот проект структурно конципиран е врз идејата за што поголема мобилност и размена на култури помеѓу земјите од Западен Балкан.

Целната група во проектот се децата, кои се наши музички амбасадори и класичната музика.

„Голема е благодарноста и среќата што европските организации  ја препознаа нашата идеја, која што се потрудивме да ја реализираме најдобро што можеме и со тоа да ја направиме нашата земја и нашиот град уште побогат со културни настани и случувања“ – изјавуваат од Здружението Пијано.Проектот “Kids Classical Music Camp” се реализираше од 12 – 16 јуни во Битола. Главен организатор и лидер во овој проект е Здружението Пијано од Битола, а партнери во проектот се Здружението ” Gradus Ad Parnassum” од Сремска Митровица, Србија и музичкото училиште ”  Tefta Тashko – Koco ” од Корча, Р. Албанија.

Раководните лица на здружението „Пијано“, Марија Шамоска Буџаковски и Јана Четелева Белевска истакнуваат дека на овој петти повик од Western Balkan Fund и втор повик кој што е поддржан од Европската Унија, од вкупно 347 апликации, избрани беа 36 проекти, по 6 од секоја земја членка на Западен Балкан, меѓу кои и проектот ” Kids Classical Music Camp” на здружението “Пијано”.

Здружението на пијанисти и музички педагози Пијано Битола е формирано 2018 година од професионални педагози по пијано како и од група ентузијасти и љубители на класичната музика.

Целта на здружението е да се подигне нивото на музичка култура, културата на слушање на класична музика во нашиот град, како и да се имплементира еден нов начин на едукација на нашите млади таленти кои што треба во иднина да ја продолжат музичката традиција, преку интернационални проекти, семинари, работилници, мастеркласи и сл.

Здружението Gradus Ad Pranssum од Сремска Митровица, Србија, ги стимулира, поттикнува и мотивира младите музички надежи од земјата и пошироко за развој на нивниот талент и со тоа реализира активности во текот на целата година. Здружението го организира музичкиот натпревар насловен Сирмиум мјузик фест. Настанот е наменет за студенти, кои доаѓаат од јавни и приватни музички институции ширум светот, како музички училишта, така и музички академии. Од своето основање, натпреварот има за цел да ја доведе културата во контакт со музиката од различни земји, да ги доведе младите музичари да се запознаат и споредат на некој начин со цел да ја развијат нивната креативност и љубов кон музиката.

Уметничкото училиште „Тефта Ташко Кочо“ е афирмирана институција со речиси 66 години историја. Датира од учебната 1956-1957 година, бидејќи првите часови по виолина и пијано беа понудени како комплементарни курсеви во друго училиште.СОУ „Месонјеторија е Паре Шќипе“. Ова беше некако генеза на одличното уметничко училиште, кое требаше да одигра клучна улога во образованието на некои од најголемите албански музичари, пејачи и сликари на идните генерации. Тоа е афирмирана институција со речиси 66 годишна историја, која придонесе за богат културен живот на градот. Училиштето е „лулка“ што ги храни младите надарени таленти да станат нови уметници на иднината.

Освен културна размена и споделување на искуства, во овој проект беа споделени и знаења, па така во текот на проектот беа реализирани 4 работилници и тоа 2 од страна на земјата домаќин – Македонија, една од гостите од Србија и една од гостите од Албанија.

Во истиот покрај едукативните работилници беа одржани посети на Битолскиот Завод и Музеј, Хераклеја, Охрид, Пелистер, со што проектот придонесува и кон туристичка промоција на нашата земја.

Фотографии: Диоген Хаџи Коста Милевски

 

 

Related Articles