Home » Запознајте ги училиштата учесници на 4.Ден на пијаното во Битола

Запознајте ги училиштата учесници на 4.Ден на пијаното во Битола

by culturalchat

28 Март е денот кога целиот свет го слави ДЕНОТ НА ПИЈАНОТО. На овој ден, со различни настани и изведби на пијано во текот на еден цел ден се оддава еден вид на признание кон овој инструмент кој што во многу случаи претставува музичка основа или подлога, било да е тоа при изведби од камерен карактер или соло изведби. Во Битола, по 4-ти пат оваа година Здружението на пијанисти и музички педагози ПИЈАНО ќе го прослави овој ден со еден поинаков концерт. Имено, за прв пат Денот на Пијаното ќе добие меѓународни димензии и ќе биде повод за една значајна прекугранична соработка. Поконкретно, на настанот ќе земат учество ученици од музичкото училиште “Тефта Ташко Кочо” од Корча, Р. Албанија и Музичкото училиште од Јаница, Р. Грција – две училишта со долгогодишна музичка традиција и потврдено реноме, кои на овој настан ќе ги вкрстат своите музички квалитети со учениците на нашето битолско Државното музичко училиште кое значи симбол за квалитет во нашава држава и пошироко. Трите училишта со задоволство го прифатија овој настан инициран од Здружението Пијано. Учениците на возраст од 7 до 18 години ќе изведат композиции за пијано од различни композитори и временски епохи. Свечениот концерт ќе се одржи во Културно Информативниот Центар – Офицерски Дом – во Битола со почеток во 18ч., а непосредно пред почетокот на концертот, ќе се одржи и тркалезна маса на која ќе се разговара за моменталните предизвици во наставата по пијано, различните програми во трите земји, а ќе се реализира и отворена дебата со што може да се допринесе кон подобрување на истите. Денот на Пијаното не е само прослава на инструментот кој има најмногу љубители, туку и повод за средби, размена на искуства, почетоци на нови соработки, изведби на нови композиции, проширување на хоризонтите, како во пијано изведбите, така и во интеркултурните и меѓучовечки корелации.

  • Музичкото училиште во Јаница, е сместено на само 95км оддалеченост од Битола. Оваа образовна институција опслужува повеќе од 200 студенти на возраст од 12 до 18 години, преземајќи водечка улога на концерти, настани и натпревари низ цела Грција и во странство. Одразувајќи ги потребите на учениците, 56 наставници се грижат за предметите од општо знаење (наука, математика, грчки јазик и литература, историја, странски јазици (англиски, германски, француски), уметност, физичко образование, информатичка технологија, биологија, економија, теологија) заедно со обемни стручните музички предмети како грчка традиционална музика, европска музика, хармонија, диктат, историја на музиката, хорови, византиска музика и разни музички инструменти – пијано, кларинет, хармоника, саксофон, гитара, цитра, лаута, ударни музички инструменти, виолончело, флејта, тамбури, понтска грчка лира, труба, виолина, бузуки.
  • Уметничкото училиште „Тефта Ташко Кочо“ е афирмирана институција со речиси 66 години историја. Датира од учебната 1956-1957 година, бидејќи првите часови по виолина и пијано беа понудени како комплементарни курсеви во СОУ „Месонјеторија е Паре Шќипе“. Ова било генеза на одличното уметничко училиште, кое требало да одигра клучна улога во образованието на некои од најголемите албански музичари, пејачи и сликари на идните генерации. На почетокот на учебната 1969-1970 година Уметничкото училиште „Тефта Ташко Кочо“ конечно станало самостојна институција. Сè повеќе талентирани нови наставници ќе станат дел од академскиот кадар до 1980-тите. Училишниот напредок во квантитет и квалитет овозможил создавање на Симфониски оркестар и во иднина дури и создавање на Филхармонија Корча. На почетокот на учебната 1969-1970 година Уметничкото училиште „Тефта Ташко Кочо“ конечно станало самостојна институција.Традицијата сè уште трае. И ова училиште сè уште е „лулка“ што ги храни младите надарени таленти да станат Нови уметници на иднината.

Related Articles