Home » Започна второто издание на Интернационалниот етнографски филмски фестивал во Битола

Започна второто издание на Интернационалниот етнографски филмски фестивал во Битола

by culturalchat
Со второто издание на Интернационалниот етнографски филмски фестивал, официјално започна оф програмата на годинешните 53. Илинденски денови. Центарот за култура во Битола е и организатор и дом на овој прв фестивал од ваков тип кај нас. Посветен е  на широк спектар на етнографски филмски теми и авторски пристапи во истражување на традиционалното наследство од нашите предци, но и модерниот начин на живот на заедниците во кои културата се негува како оплеменување и оплотување со  разновидни увиди и методологии на работа на тимови од цел свет на филмови од ваков карактер. Публиката на првата проекција ја поздрави Маја Андоновска Илијевски, директорка на Центарот за култура. Од понудените околу 200 филмови за ова второ издание на фестивалот, беа избрани само дваесетина кои ќе ѝ бидат претставени на публиката во Битола.Фестивалот на етнографски филмови ќе трае до 22. јули, а селектор на овој филмски фестивал е Тони Гламчевски, новинар од Франција кој живее во градот Нанси, 60 километри оддалечен од градот Епинал, во срцето на Европа. Гламчевски и неговата сопруга Блондин го креираат Меѓународниот филмски фестивал.   „Се обидувам секоја година во програмата да ставам македонски филм или македонска копродукција, не само дека сум од Македонија туку поради вештините и квалитетот на филмските екипи“ – изјави Гламчевски. По минатогодишното прво издание, за оваа година селектираните филмови опфаќаат широк лак на интереси од културолошка тематика, како и социјална антропологија од повеќе континенти. Втора година по ред, овој интердисциплинарен фестивал претставува голема средба околу етнографскиот филм. Тоа им овозможува на различни, често далечни култури и традиции да се сретнат, да разговараат и да размислуваат за етнографијата и предизвиците низ кои што минува општеството. Ова е со цел да се поттикнат истражувачки и креативни пристапи во етнографските документарни филмови, да се едуцира публиката за богатството и различноста на локалните културни традиции, како и да биде глас на совеста за проблемите на современите општества предизвикани од потценувањето на вредноста на културното наследство. Фестивалот започна со прикажување на филмовите: Тапкање на црните чизми и Душите на шумата.Првиот е документарен филм на Каору Фуруко. Маѓепсани од енергичната словачка народна култура, јапонската анимациска уметничка Каору Фуруко и шведскиот музичар Кристијан Велбо тргнаа на уметничко патување во словачкиот фолклор и музика. Нивната заедничка авантура ја роди идејата за оваа аудиовизуелна книга со слики. За да се исткае визуелната таписерија, беше создаден колаж од визуелните скици, анимации, списанија и видеодокументација на Каору. Испреплетени со визуелните елементи, одгласите на старите словачки народни песни се резамислуваат во пулсирачките ритми на техно музиката на Кристијан. Душите на шумата е копродукција помеѓу Германија и Индија,  документарен филм на на Џо Петер . Последните домородни луѓе од архипелагот Суматра: култура на работ на исчезнување – со најновите геополитички случувања, уништувањето на нивното живеалиште достигнува точка од која нема враќање. Разбивајќи ги надежите за триесетгодишна демократизација во Индонезија, Џакарта во рецидив на авторитарното владеење спроведува уништување на шумите во Ментаваи. Двајца шамани се главните ликови во филмот, ловци-собирачи во култура која претходела дури и на традициите на ткаење или грнчарство, архаични традиции со своја сложеност. Филмот го прикажува секојдневниот живот на домородното племе, нивниот духовен космос и нивната посветеност на зачувување на сопствената култура и природно живеалиште. Компаниите за сеча се закануваат на кревкиот еко-систем на островите. Фестивалот во наредните неколку денови ќе има завиден опфат на теми од културната и социјалната антропологија од сите континенти. Ќе се повика на далечни сведоштва, без разлика дали оваа оддалеченост е географска – започнувајќи од Индонезија, Мадагаскар, Мароко, Непал, Бразил, Мексико, Сенегал, САД, но и филмови и начин на живот блиску до домот – Шпанија, Бугарија, Србија, Португалија („Впечатлива земја“), или временска – „Австралија, Австралија“ и „Дае“ на Столе Попов – за да се илустрира оваа тема. Преку овие филмови,  се нудат средби со заедниците од сите страни на планетата на кои им е заедничко споделувањето и зачувувањето на нивните обичаи и култура. Исто така, фестивалот се стреми да привлече македонски автори вклучени во зачувувањето на културното наследство што тие го наследуваат. Филмскиот фестивал на етнографскиот филм претставува потврда и продолжување на она што го започна фестивалот „Илинденски денови“ пред повеќе од половина век, а тоа е негувањето на изворната фолклорна традиција и зачувување од заборавот.    

Related Articles