Home » За љубителите на пишаниот збор -Промоција на книгата „Последниот лист гитарист“ од Даниела Петровска

За љубителите на пишаниот збор -Промоција на книгата „Последниот лист гитарист“ од Даниела Петровска

by culturalchat

На 27.12 во 12.00 часот во Малата сала на Центарот за култура – Битола ќе се одржи промоција на книгата за деца и млади „Последниот лист гитарист“ од Даниела Петровска.  

​Авторката за книгата вели:

Ова е моја прва книга за деца која е создадена низ творечки процес од повеќе години како резултат на желбата да допрам до суштинските прашања за смислата на животот по која трага секое дете откако тоа ќе се спознае себе како активен субјект во домот, на училиште, надвор кога игра со другарите или каде и да се наоѓа на друго место.  Во овие баснолики и бајковити текстови како ликови се јавуваат не само луѓето, туку и животните и предметите.Може да се рече дека тие дејствуваат во насока да ги загатнат, но и да ги разгатнат етичките, естетските и комуникациските односи на детето со „лошите“ и „добрите“ луѓе во непосредната околина. Ликовите „имаат за задача“ да ги претстават светот и животот на луѓето такви какви што треба да бидат, а не такви какви што се во реалноста која постојано треба да се анализира и да се прочистува од духовно нечистите личности.  Само на тој начин може да се одржува екологијата на духот на детето. Тенденцијата е насочена кон тоа проблемските ситуции да се решат низ етичката лична трансформација на ликот протагонист или преку сугестијата дека таа трансформација треба да се случи и на поширок општествено-колективен план“.

Во книгата е изразено и секојдневието на детето во кое тоа анализира низа појави во природата кога е на прошетка со другарчињата, со родителите или со учителите и кога изразува впечатоци од доживеаните пејзажи или од несекојдневните глетки што кај него ја будат љубопитноста.  Опишани се и средби со непознати ликови  што се онирички мајстории на детските потсвесни доживувања поттикнати од секојдневните возбуди.

​Промотори на книгата ќе бидат Билјана Талевска Димко, Анита Ангелевска и Симона Петровска , а на настанот ќе биде и Бабец Театар Битола .

Даниела Петровска е професор по македонски јазик и литература во СОУ гимназијата „Јосип Броз Тито“ од Битола.

 

 

Related Articles