Home » Инспиративни битолчанки: „Соништата ни го одредуваат патот по кој ќе се движиме“-Јулијана Мирчевска

Инспиративни битолчанки: „Соништата ни го одредуваат патот по кој ќе се движиме“-Јулијана Мирчевска

by culturalchat

„Соништата ни го одредуваат патот по кој ќе се движиме. Важно е да сонуваме, така создаваме цел, па тргнуваме кон неа. Дел од соништата ни се исполнуваат, дел не. Соништата кои станале реалност се среќа, а оние кои не се исполниле,  добро е да ги замениме со нови“, вака го започна разговорот со нас актерката во Народниот театар Битола, Јулијана Мирчевска, а по повод месецот на жената. Месец во кој зборуваме за инспиративните битолчанки, нивниот пат на кој храбро чекорат низ секојдневните предизвици, нивната сила и мотивација за исполнување на своите соништа.

Бројните улоги на Мирчевска зборуваат за успешната биографија која таа продолжува да ја остварува, да твори, одново да создава, ослободува: „Медеја“, „Кокошка“, „Август во округот Осејџ“ и многу други. Тука се и наградите и признанијата и тоа: на интернационалниот фестивал на детски театри ,,Игор Маџиров” заслужено се закити со награда за најдобра женска улога, тука е и наградата за најдобра женска улога на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“ за улогата на Медеја во истоимената претстава на Битолскиот театар и други.

Заедно со својот сопруг исто така актер, Васко Мавровски во 2010-тата го создаваат професионалниот детски театар во Битола – БАБЕЦ ТЕАТАР. Во 2011 се случи првото издание, на првиот интернационален детски театарски фестивал во Македонија – ,, Битолино“ , а во 2014 ја отвораат и првата детска театарска школа – ,, Бабец“. Мирчевска е и претседател на Македонскиот национален центар на детски театри АСИТЕЖ.

Колку е важна меѓусебната поддршка помеѓу жените?

Ј.М.- Никој на светот не го познава подобро тој прекрасен, воедно толку комплексен женски свет, освен жена. Никој друг не може да ја разбере ни болката, ни силата, ни љубовта која една жена ја носи во себе, освен жена. Затоа од некој кој може да те разбере поддршката е најважна. Дали се тоа жените во семејството, пријателките или колешките, едни на други сме си потребни! Да се ислушаме, да се охрабриме, да се поддржиме.

Што те мотивира во работата да продолжиш понатаму кога ќе се појават проблемите?

Ј.М.- Љубовта кон театарот. А кога ќе размислам, на секое поле не само во работата, мене љубовта ми е мотивација да продолжам да се борам и да ги надминувам проблемите. Од таму ми е и силата, од љубовта.

Зошто е важно да се живеат своите соништа и да не се откажуваме од нив?

Ј.М.- Соништата ни го одредуваат патот по кој ќе се движиме. Важно е да сонуваме, така создаваме цел, па тргнуваме кон неа. Дел од соништата ни се исполнуваат, дел не. Соништата кои станале реалност се среќа, а оние кои не се исполниле,  добро е да ги замениме со нови. И така секогаш, цел живот, зашто и самиот живот е сон. А ако се откажеме од соништата, сме се откажале од животот.

 

 

 

Related Articles