Home » „Кајмак“ на Манчевски на Сараевскиот филмски фестивал

„Кајмак“ на Манчевски на Сараевскиот филмски фестивал

by culturalchat
Филмот „Кајмак“ на македонски режисер Милчо Манчевски продолжува со успешниот фестивалски живот па така беше прикажан на „Сараево филм фестивал“, најважниот фестивал во регионот, во програмата „Опен ер“. Покрај најновото дело на Манчевски, во програмата се уште 14 филмови, помеѓу кои и „Астероид сити“ на Вес Андерсон, „Паднати лисја“ на Аки Каурисмаки, „Бакнете ја иднината“ на Ненад Чичин Шаин, продуциран од Мет Дејмон и Бен Афлек, како и „Навистина никогаш не беше тука“ на шкотската режисерка и сценаристка Лини Ремзи, една од највозбудливите авторки во независната кинематографија, која ќе го добие почесното признание „Срцето на Сараево“. Актерката Ана Стојановска во спектакуларно издание освои со настапот на црвениот килим со екипата на „Кајмак“ заедно со режисерот Манчевски, колегата Филип Трајковиќ и продуцентот Јане Ќортошев. „Кајмак“ ќе продолжи да игра и во кината низ БиХ. „Со ‘Кајмак’ го омрсивме Сараево. Убаво е кога некој ви ја цени работата, трудот и уметноста“, изјави Манчевски кој во Сараево има третман на легенда на европската кинематографија. Како и вобичаено, неговото присуство на фестивалите предизвикува голем интерес кај медиумите, а во Сараево покрај бројните беше ангажиран и за три големи, детални интервјуа за Радио БиХ, Танјуг, и телевизијата Н1. Како гостин на Фестивалот, Манчевски доби и почесно место на вечерата со годинешните лауреати, шкотската режисерка Лин Ремзи и американскиот оскаровец сценаристот Чарли Кауфман. „Кајмак“ овој месец продолжува со успешниот фестивалски живот, а на 23. август ќе биде и американската премиера на 33-то издание на Синеквест во Калифорнија, еден од најголемите и најреномираните независни фестивали на американскиот континент, специфичен по програмата што поддржува иновативни и креативни уметнички дела. До крајот на август и почетокот на септември, „Кајмак“ ќе биде прикажан на уште четири европски фестивали. Во јуни „Кајмак“ ја имаше и данската премиера во Копенхаген. Филмот ја имаше светската премиера на фестивалот во Токио (А-категорија), потоа продолжи со фестивалска турнеја во Тајпеј, Португалија, Италија, Бугарија, Србија и други, каде што беше поздравен со неколкуминутни стоечки овации и бројни написи во локалните медиуми. Филмот ја освои Специјалната награда на жирито на „Фантаспорто“ во Португалија, а Сара Климоска беше прогласена за најдобра актерка на фестивалот во Сомбор, Србија. „Кајмак“ беше најгледан филм во Македонија минатата година. Манчевски е стар пријател на „Сараевскиот фестивал“ – „Пред дождот“ играше на првото издание во ноември 1995 и Манчевски присуствуваше на проекцијата додека Сараево уште беше под опсада! Потоа, тој самиот ги собра членовите на бордот на почесни директори на фестивалот Ингмар Бергман, Мартин Скорсезе, Милош Форман, Нагиса Ошима и Ричард Гир.

Related Articles