Home » Костими на Благој Мицевски и фотографии од браќата Манаки изложени во Крушево

Костими на Благој Мицевски и фотографии од браќата Манаки изложени во Крушево

by culturalchat

Синоќа во рамките на манифестацијата  ” Десет дена Крушевска Република”, беа промовирани две изложби  во центарот на Крушево или поточно на плоштадот наречен ‘Парк”. Локалните граѓани, но и големиот број туристи имаа можност да ги погледнат изложбите кои на свој посебен начин се испреплетуваат една со друга. Станува збор за фотографии на браќата Манаки на кои се фотографирани цели фамилии, парови или портрети на локално население во автентични костими и интересни позадини. Фотографиите беа реализирани од страна на Центарот за култура од Битола и Државниот архив, со наслов “Лица и места”.

Другиот дел од изложбата се состоеше од изложени театарски костими и фотографии од претстави на познатиот костимограф Благој Мицевски од Битола, дел од неговата ретроспективна изложба “Опера драма балет”. Во прекрасниот автентичен амбиент, костимографот покажа колку многу фотографиите на браќата Манаки биле и сеуште се огромна инспирација за создавање нови уметнички дела, но и неисцрпна историска ризница. Изложените костими по својата форма и колористична гама идеално се вклопија во светот на црно – белите фотографии.

Покрај костимите од Народниот театар Битола, во посебен дел беа изложени и фотографии од драми, опери и балети за кои Благој Мицевски реализирал костимографии во странство со што публиката имаше можност да се запознае со големиот опсег на разновидни костими.

Овај необичен настан во Крушево на кој присуствуваа организаторот, Трајче Шекрески, потоа градоначалникот Томе Христоски, но и локални уметници и случајни минувачи, ја разубави оваа Крушевска ноќ и оваа манифестација која се одржа во годинешниот град на културата.
Посебен интерес за изложбата покажаа и многубројните странски гости кои деновиве се дел од Светското првенство во летање со змај, а се случува во нашето Крушево.

 

Related Articles