Home » Креативноста на професорката Маја Митровска преточена во детскиот роман „Велинка“

Креативноста на професорката Маја Митровска преточена во детскиот роман „Велинка“

by culturalchat

“Велинка” е насловот на детскиот роман на авторката, професорката Маја Митровска чија промоција се одржа во Офицерскиот дом во Битола. Промотор беше директорката на киц д-р Лили Бошевска, која и посвети стихови на Митровска. За интерпретацијата на содржината беше задолжена актерката Соња Михајлова, музички соработник м-р Јана Четелева Белевска – пијано. Книгата е посветена на синовите на Маја, Андреј и Мартин.

„ Приказната за Велинка почна да се ткае уште пред десеттина години, кога измислував десетици приказни за добра ноќ за да ги задоволам огромните очекувања од мене, од моето првородено чедо. Велинка се надоградуваше со доаѓањето на второто чедо, и токму затоа оваа фантастична приказна им ја посветувам ним. Книгата e плод на детската љубопитност и нетрпение да дојде вечерта за да се чуе уште една приказна од животот на Велинка. Ден по ден, приказна по приказна, дојде и крајот. Дури по десет години животот на Велинка се наоѓа во вашите раце. Во соработка со издавачката куќа АНТОЛОГ пред неколку месеци во печат излезе мојата прва пишана творба, за што им багодарам за професионалната работа и соработката“, ни изјави Митровска.

Сите ликови и случки се измислени и произлегуваат од фантазијата на Маја,  но со времето ликот на Велинка не и излегувал од мислите, „срцето на Велинка почна да чука преку моето, ја живеам нејзината среќа и несреќа без да сум ги доживеала лично“, рече Митровска на промоцијата.

Судбината на девојката Велинка, оживеа преку пишаниот збор и цртежите. Taa е природна и натприродна, вистинска и измислена, убава и неубава, една – единствена и искрена како дете.

„Визуелната перцепција за ликовите ме поттикна уметнички да ги олицетворам, па така денес, тие се наоѓаат во книгата“, додава Маја.

Со оваа книга таа порачува дека не треба да престанеме да мечтаеме и да веруваме. Таа сака да ги охрабри сите креативци да фантазираат, да запишуваат и да си веруваат, затоа што преточувајќи ги чувствата и мислите во зборови, ќе ја воздигнат креативната моќ која клокоти во нив. Нека создаваат за да остават дел од себе за идните поколенија. Митровска порачува да се негува детето во нас, да се надеваме , да љубиме, и целиот космос ќе ни помогне во целите!

Во животот Маја се посвети на возвишената уметност – музиката, на работата со ученици во реномираното музичко училиште од Битола и на нејзиното семејство. Многу пати таа се обвинувала себе си за неможноста да најде време за поезијата и прозата. Чувствувала дека пишувањето како духовна исповед е нераскинлив дел од неа и нејзината креативност, пишувањето многу пати и било среќа, мечтаење, понекогаш оддишка и револт – но секогаш – било начин да се изрази себе си, да се спознае. Промоцијата со својот младешки дух ја надополнија нејзнините ученици кои со големо задоволство се понудија да помогнат околу организацијата.

Маја Митровска е родена во Битола. Во родниот град завршува Средно музичко училиште, дипломира и магистрира на Националната музичка академија „Панчо Владигеров“ во Софија, Бугарија, а се усовршуваво Виена, Австрија. Од 2009 година со своето семејство живее во Битола, каде што од 2010 година работи како професор по соло пеење во Државното музичко училиште.

Музичкото образование игра голема улога во пишувањето на проза богата со ритам и рима, кои се нераскинливдел од една музичка нумера. Децата ѝ се најголема инспирација во творењето, така што се јавува како текстописец на повеќе композиции за детски музички фестивали, детски химни како и на две музичко-театарски претстави: „Преспанска новогодишна елка“ и „Дома за Велигден“. Добитник е на наградата „Златно перо 2018“ за збирките детска поезија „Кажувалки“ и „Крукалезен свет“. Дел е од тимот кој ја создаде Детската химна за Битола во 2021 година. Нејзината поезија е присутна во повеќе меѓународни збирки поезија на група автори. Во 2016 е добитник на втората награда на меѓународниот поетски конкурс на тема „Илинден“ за поемата „Ден пред Илинден“. Истото дело е инспирација за создавањето на битова драма „Вера, љубов и надеж“, која прерасна во музичко-сценската драма „Надеж“, премиерно изведувана под Камерна опера – Битола во 2019 година, а подоцна е изведена во рамките на Меѓународниот фестивал „Илинденски денови“. Истата година е дел од уредничкиот тим на книгата „За музиката“ на академик Георги Здравев. По професија музичар, десет години концертира и е учесник во музичко-сценски проекти во Република Бугарија, каде што покрај концертната дејност, настапува во неколку продукции на опери и оперети во главна улога. По нејзиното враќање во Македонија, активно учествува во културниот музички живот во Битола и во други градови, како дел од повеќе културни манифестации, со солистички и камерни концерти и со главни улоги во проекти на Битолска опера.

 

 

 

Related Articles