Home » Македонската агенција за филм присутна на годинешното издание на Берлиналето

Македонската агенција за филм присутна на годинешното издание на Берлиналето

by culturalchat

Агенцијата за филм на Република Македонија e присутна со свој штанд на Европскиот филмски маркет, кој се одржува од 15 до 21 февруари во рамките на Интернационалниот филмски фестивал во Берлин. Ова е од огромно значење за македонската кинематографија, имајќи предвид дека во последните 15 години се прават напори Македонија да обезбеди свој промотивен простор во рамките на маркетот во Берлин, каде присуствуваат голем број продуценти, дистрибутери, финансиери и фестивалски организатори од целиот свет.

Оваа година Агенцијата за филм закупи и проекција на маркетот за филмот „Убиј ги прво децата“ во режија на Димитар Оровчанец. Македонскиот штанд е позициониран на централна локација, во Музејот „Мартин Гропиус Бау“ каде традиционално се одржуваат активностите во рамките на фестивалот.  Македонската делегација од Агенцијата за филм ги претставува најновите случувања во нашата кинематографија и остварува средби за идни копродукциски соработки. За оваа цел беше подготвен обемен каталог и промотивен материјал. Агенцијата за филм секоја година е присутна на маркетот со различни активности за промоција на македонски филмови.

Со овие проекции, како што се наведува во соопштението на Агенцијата за филм, филмовите добиваат можност да се претстават пред 2.000 професионалци од 110 земји во светот и да бидат откупени или селектирани на некои од филмските фестивали.

„ Присуството на нашата кинематографија на Европскиот филмски маркет, еден од најважните случувања во светот на филмската индустрија, е од големо значење бидејќи потврдува дека се вложува во авторите и во филмската индустрија и се олеснува соработката и промоцијата на филмските професионалци на глобалната филмска сцена“, стои во соопштението.

Покрај промотивниот штанд, Агенцијата за филм е присутна и на интернет платформата на маркетот, каде сите оние кои не се во можност да присуствуваат физички ќе можат да ги проследат содржините во виртуелен формат.

Related Articles