Home » Македонската филхармонија ја испрати 2023 со два концерти

Македонската филхармонија ја испрати 2023 со два концерти

by culturalchat

Македонската филхармонија 2023 ја заокружи со двата новогодишни концерта, кои беа распродадени уште пред неколку недели. Премиерно беше изведен новогодишниот концерт за деца „Девојчето со книгите“, кој го водеше маестро Дијана Имери-Илкоска, а актерка е Симона Спировска.

Оркестарот на Македонската филхармонија го одржа традиционалниот новогодишен концерт „Одбројуваме“, кој го водеше диригентот Алфонсо Скарано од Италија, а како солистка  настапи сопранистката Наде Талевска. На програмата беа дела од Чајковски, Хименез, Пучини, Моцарт, Сен-Санс и безвременскиот Штраус. Италијанскиот диригент Алфонсо Скарано моментално е во својата седма сезона како главен диригент на Тајландската филхармонија, откако беше гостин-диригент шест последователни сезони од 2011/2012 година.

Веќе 13 години Скарано обликуваше непогрешлива звучна култура како диригент на оваа филхармонија, што кулминираше со првата славна европска турнеја одржана во август/септември 2022 година, снимката на ЦД-то за Albany Records USA и пофалените изведби во живо и снимката ЦД од Брукнер. Неговите претходни позиции вклучуваат главен диригент на Северночешката Филхармонија, главен гостин диригент на Виртуозите од Прага (2000 – 2010) и музички директор и диригент на оперскиот фестивал Тоскана во Италија (2006 – 2008 година).

Оперска уметница Нада Талевска-Спасовска сигурно чекори на оперската сцена во Македонија. Со изразит вокален и сценски израз, таа полека но сигурно се наметнува како еден од најнадежните оперски солисти. Талевска дипломира и магистрира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Марија Муратовска – Наумовска, и во текот на своите студентски денови бележи многубројни настапи и учества на семинари и натпревари, каде се стекнува со награди и признанија. Како студент учествува во претставите „Кармина Бурана“ и „Аида“, а во 2009 година ја забележува својата прва позначајна улога како Кралицата на ноќта во детската продукција на „Волшебната флејта“ од Моцарт. Во 2011 година дебитира како солист во МОБ во „Кармина Бурана“ на Карл Орф и Џилда во операта „Риголето“ од Верди. Од тогаш Талевска ја гради својата кариера како истакнат солист во Македонската опера и балет, носител на главни улоги како насловната Лучиа во “Лучиа од Ламермур”, Виолета во “Травијата”, Олимпија во “Хофмановите приказни”, Музета во “Боеми” и т.н. Настапува на многубројни концерти и опери како во земјава, така и на интернационално ниво.

2023 Македонската филхармонија ја испрати со прекрасната музика од славните класични композитори и со сосема нова новогодишна бајка за деца, која е инспирирана од познатата бајка ‘Девојчето со кибритчињата’ од Ханс Кристијан Андерсен.
Ова е приказна што нѐ потсетува на среќата, на убавината и добрината, но и на тагата и на несреќата. Всушност, зборува за сите оние работи за кои треба да бидеме свесни, а особено за хуманоста – да помагаме, да бидеме благородни и доблесни. Пораката што овој новогодишен концерт ја испрати до најмладите е дека во светот има деца и семејства кои се сиромашни, има деца што се гладни и боси, а на кои, секој од нас, колку што може и умее, треба да најде начин да им помогне.

 

 

Related Articles