Home » Македонски балетски уметници дел од Балетскиот спектакл во Белград

Македонски балетски уметници дел од Балетскиот спектакл во Белград

by culturalchat

На Големата сцена во Белградскиот Народен театар, се одржа балетскиот гала спектакл насловен „Романса во движење“, со учество на балетски ѕвезди на Народниот театар од Белград и национални театри од регионот.

На иницијатива на Народниот театар во Белград, на истата сцена се собраа балетските ѕвезди од седум театри и шест земји од регионот – Хрватскиот народен театар во Загреб (Хрватска), Сараевскиот народен театар (Босна и Херцеговина), Македонската опера и балет, Словенечкиот народен театар Марибор (Словенија), Операта и балетот Софија (Бугарија) и Српскиот народен театар Нови Сад (Србија). Од Македонската опера и балет учествуваа балетските првенци Мими Поп Алексова Атанасовска и Бобан Ковачевски. Тие го изведоа дуетот од балетската претстава Ана Каренина на Чајковски по кореографија на Лео Мујиќ.

Едно од најпознатите светски литературни дела „Ана Каренина“ од крајот на 19 и во целиот 20 век, претставувало инспирација за многу театарски и филмски креации. Овојпат беше инспирација за кореографот Мујиќ од Хрватска. Чајковски во својот прекрасен опус често бил инспириран од делата на руската и светска класика, но никогаш не искористил дело од Толстој. Сепак, за романтична приказна како што е „Ана Каренина“, како најсоодветна се покажа токму неговата музика. (Во македонското кореографско видување, искористение се делови од: Концертот во D-dur за виолина и оркестар, Симфонијата во b-moll, Сентименталниот валцер, Петтата симфонија вo e-moll, Шетстата симфонија во b-moll и Елегијата во g-moll).

Публиката го поздрави перформансот на ансамблот во Белград со долги аплаузи и овации. На репертоарот беа љубовните дуети од најпознатите балетски класици и делата на еминентните кореографи од регионот , покрај Лео Мујиќ, тука беа и Едвард Клуг, Сташа Зуровац, Крунислав Симиќ и Роналд Савковиќ. Оваа соработка е прослава на разновидното изразување на љубовта преку балетот.

Ана Павловиќ и Смиљана Стокиќ, уметнички и извршни директори на Балетот на Народниот театар од Белград истакнаа дека се горди што го спојуваат талентот на националните театарски балетани од целиот регион, создавајќи уникатно искуство за публиката. Истата на Романтичната вечер, беше сведок на магијата што се расплетуваше на сцената, надминувајќи ги границите и културите преку уметноста на балетот. Балетската гала не е само претстава; тоа е прослава на заедништвото, каде убавината на танцот обединува во духот на љубовта и уметничката соработка.

 

Related Articles