Home » Марко Виденовиќ за Битола

Марко Виденовиќ за Битола

by culturalchat

Од Црн мост па надолу,

крај Драгорот, кон сатот,

покрај Безистенот па кон свирачите,

на сред чаршија

Е тука запри и вдиши

мирис на врела кикира,

леблебија, семки и сончоглед,

мирис на бурек со месо или изварка.

И дур те зашеметува сета таа магија,

таа мешавина од мириси и вкусови,

избезумен не знаеш кој пат да го фатиш,

дали кон пазарот, дали кон корзото,

но едно секогаш се памети,

на каде и да тргнеш, не ќе погрешиш,

секаде е убава, секаде е волшебна.

Кој еднаш навратил и ја почувствувал,

не престанал за неа да раскажува,

во песни да ја опејува.

Има таа своја магија која со пари

не се купува, нема азно повредно од неа.

Помислувам понекогаш на неа,

само кога вдишувам и издишувам,

оној остар воздух во мислите ми провејува.

Помислувам понекогаш на неа,

само кога вода ми се припива,

а нема таква никаде на овој бел свет,

бистра и студена,

жед што гасне со една голтка,

но те мами да не престанеш

од неа да се напиваш.

Помислувам понекогаш на неа,

на оние бајковити зими

со белина која опива, заслепува и успива.

Помислувам понекогаш на неа,

на оние априлски утра

со мирис на јоргован и молика,

на трендафили во преубави авлии.

Помислувам понекогаш на неа,

само кога вдишувам и издишувам. Битола

(Марко Виденовиќ)

Related Articles