Home » Милка Ефтимова по повод Денот на операта

Милка Ефтимова по повод Денот на операта

by culturalchat
Пораката на оперската примадона Милка Ефтимова: „ Ми претставува особена чест, во годината кога македонскиот оперски живот прославува два големи и значајни јубилеја – 75 години од формирањето на националната оперска куќа, а воедно и 50 години откако единствениот оперски фестивал во регионов и пошироко, „Мајските оперски вечери“, го започна својот раскошен и спектакуларен од по патот на уметноста, да ја пренесам пораката по повод светскиот ден на операта. Во таа чест, како уметник кој со своите сценски креации и концертни изведби, уште од самите почетоци директно учествувал во испишувањето на историјата на оперското исполнителство кај нас, но и како педагог кој стекнатите професионални знаења им ги пренел на своите студенти, денес успешни и афирмирани оперски пејачи, сакам да ги поврзам минатото, сегашноста и иднината. А, нив, можам да ги поврзам само со љубов. Љубов кон животот, љубов кон публиката, љубов кон музиката… Бидејќи операта, како најкомплексна и најсложена уметничка форма се создава и се восприема само со љубов. Тогаш, состојбата на човековиот дух преминува во друга димензија, во која моќта на оперската уметност може негативната енергија да ја трансформира во позитивна, невозможното да го претвори во возможно и апстрактното да го направи конкретно. Едноставно, да ја промени реалноста. Токму затоа, во овие времиња кога човештвото се соочува со многу предизвици, за сите оние кои живеат и дишат со оперската музика, токму таа претставува нивниот најголем прозорец кон поубавото и попријатното. Посакувам во иднина, оперската уметност како производ на творечката имагинација на голем број великани од музичката историја и современост, преку изведбите во живо на актуелните уметници, но и преку снимените аудио и видео изданија на сите оние кои ги овековечиле своите интерпретации, уште повеќе и многу посилно да допира до човековото срце и што подлабоко да продира во човековата душа“.

Related Articles