Home » Младиот и талентиран Анди Исмаили со својот танц ја освои хрватската јавност

Младиот и талентиран Анди Исмаили со својот танц ја освои хрватската јавност

by culturalchat

Анди Исмаили од Гостивар деновиве е топ тема во хрватските медиуми откако се пријави на шоуто Supertalent на Nova TV, а го освои златниот тастер од Мартина Томчиќ, со што си обезбеди директен пласман во полуфиналето.

Тој почнал да танцува пред 6 години откако дома изведувал импровизирани движења и се запишал на танц со својот братучед. Тој танцува речиси секој ден по 6 часа и сè во неговиот живот се врти околу танцувањето, дури и слободното време. Љубовта кон танцот ја опишува како чувство на слобода, тоа е неговото безбедно место од кое црпи најголема самодоверба.

Освоил титула светски првак во категоријата џез, но никогаш не очекувал да биде толку успешен. Неговиот сон е да стигне до Холивуд, но освен во танцување, таму би се обидел и со глума. Тој сака да им покаже на сите дека момче од мал град може да успее на светската сцена.

Анди откри дека неговиот татко студирал во Хрватска и идејата Анди да се пријави за настап била токму негова. По неверојатниот настап во кој ја покажа својата флексибилност и страст за танцот, жирито стана и му аплаудираше.

„Беше навистина волшебно и убаво, многу ми се допаѓаат твоите пируети, свиоци, технички одлично го изведе, музички си претставителен и знаеш да танцуваш. Ова беше одлично за мене“, прокоментира Давор.

„Пробав многу спортови пред балетот: фудбал, карате, кошарка, но ниту еден од нив не направи да се чувствувам како кога танцувам“ , изјави младиот Анди.

Во декември минатата година, Анди Исмаили (14) од Гостивар по третпат стана светски шампион во модерен балет, а сега одлучи да се пријави во хрватско шоу за таленти и ја освои тамошната публика, но и жирито.

„Тоа што добив златен тастер во омиленото шоу на татко ми е ‘шлаг на тортата’“ – вели младиот Исмаили.

Анди вели дека неговите родители и семејството му се најголема поддршка, а раскажа дека сосема случајно почнал да се занимава со танц, откако вујна му еден ден го однела во школа за танц да ги гледа своите братучетки. Професорката пуштила некоја музика, Анди почнал да танцува и тогаш сфатиле дека има талент.

„Кога го имав првиот настап што ги остави луѓето без зборови, сфатив дека сум длабоко заљубен во танцот“ – вели Анди.

Тој исто така откри дека на почетокот се соочувал со погрдни коментари и навреди од своите врсници, а најповредено се чувствувал кога една професорка го навредила.

„Кога еден тинејџер ќе слушне нешто такво, тоа автоматски му ја уништува самодовербата, разбирам такво нешто да ми се случи со соучениците, но сметам дека не е во ред тоа да го прави некоја возрасна жена. Малтретирањето ме направи посилна личност“ – изјави тој.

Како што вели, во еден миг сакал да се откаже од танцот, но сега сфатил дека тоа му помогнало да стане најдобрата верзија од себе.

Инаку пред две години во Варшава, Полска, Исмаили по вторпат стана светски првак во модерен современ танц. Тој и годинава од Полска се врати со освоен златен медал. Оваа титула ја освои и во 2019-та година, на само 11-годишна возраст.

 

 

 

 

Related Articles