Home » „М“ на Вардан Тозија со награди во Висконсин и Софија

„М“ на Вардан Тозија со награди во Висконсин и Софија

by culturalchat

Македонскиот филм “М“ на режисерот Вардан Тозија, во продукција на “Фокус Покус Филмс“, ја освои наградата за Најдобар интернационален филм на 16-то издание на филмскиот фестивал “Ноќ на хоророт“, одржан во Висконсин, САД. По повеќе од една декада одржување на овој престижен жанровски фестивал во Мелбурн и Сиднеј, Австралија, неговото седиште се
префрлува во САД.

Жирито го опиша “М“ како “чудесно остварување, трогателна драма за созревање сместена во дистописки кошмар од Тозија. Постапокалиптичните приказни се актуелни во светската кинематографија, меѓутоа, македонската кинематографија не можеше да се пофали со ниту еден филм од овој жанр. Но, Вардан Тозија го промени тоа режирајќи го филмот „М“, еден од првите македонски филмови со постапокалиптична тематика.

Уште една награда пристигна на затворањето на 28. Софија Филм Фестивал (СИФФ) кога беа доделени наградите за авторите на филмовите во неколку програмски селекции. „М“ја доби специјалната награда на жирито за креативна работа со деца на филм, во извонредно силната конкуренција на филмови од Балканот.Интернационалниот Софија Филм Фестивал се одржува од 13 до 31 март. Официјалниот натпреварувачки дел беше затворен со новиот филмски хит на Софија Копола, „Присила“, а во десетината селекции учествуваа над 200 наслови.

Филмот „М“ е копродукција меѓу Македонија, Хрватска, Косово и Франција и станува збор за дистописка бајка во која главен лик е 8-годишниот Марк, кој во суровиот свет обземен од таен вирус е во потрага по својата мајка. Сценариото е на Вардан Тозија и Даријан Пејовски, кинематографер е Влатко Самоиловски, сценографијата е на Кирил Спасески-Кикич, а костимите се на Андреа Кустовиќ и Николина Костаншек. Маскер е Горан Игњатовски. Улогите ги толкуваат Матеј Сиваков, Сашко Коцев, Александар Ничовски, Тони Михајловски, Камка Тоциновска и Бојана Грегориќ-Вејзовиќ.

Related Articles