Home » Наградата „Драги“ за најдобар превод во рацете на македонскиот лектор во Унгарија Златко Панзов

Наградата „Драги“ за најдобар превод во рацете на македонскиот лектор во Унгарија Златко Панзов

by culturalchat

На свечена церемонија на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ беше соопштено дека наградата „Драги“ за најдобар книжевен превод на македонски јазик ја добива Златко Панзов за преводот од унгарски јазик на „Заробеништво“ од Ѓерѓ Шпиро во издание на издавачката куќа Артконект.

Комисијата за доделување на наградата во состав: Јана Михајловска, Лидија Капушевска-Дракулевска и Милан Дамјановски, констатираше дека сите пет финалисти: Анастасија Ѓурчинова, Златко Панзов, Иван Шопов, Љубица Арсовска и Никола Ѓелинчески, заслужуваат да бидат наградени за нивните исклучителни преводи кои, на најубав можен начин, придонесуваат за афирмација на македонски јазик и на книжевниот превод во целина. Комисијата имаше мошне тешка и одговорна задача да одбере еден добитник на наградата „Драги“, но сепак, едногласно донесе одлука Наградата да му се додели на Златко Панзов.

Романот „Заробеништво“ од современиот унгарски поет, прозаист, драмски автор и есеист Ѓерѓ Шпиро е мошне комплексен историско-авантуристички роман сместен во времето на Римското царство од добата на Јулио-Клавдиевската династија во 1. век од новата ера. Младиот Евреин Ури, по низа околности, ќе се најде вплетен во клучните настани од тој период и тоа во хронотопската тријада: Рим – Ерусалим – Александрија. Како ликови, во романот, меѓу другите, циркулираат и Калигула, Понтиј Пилат, Исус. „Златко Панзов успешно се справил со предизвиците на преведувањето и сосема солидно го пренел историскиот, нималку лесен, дискурс во духот на македонскиот јазик. Преводот на ова волуминозно дело, и по обем, и по содржина, несомнено, изискува голем труд, посветеност и истражувачка работа. Дијалозите се спонтани, а драматичното преплетување на историските факти и фикцијата, во симбиоза со психологијата на главниот лик, нудат несекојдневно читателско искуство.“, се вели во Одлуката.

На истиот состанок, Комисијата за доделување на наградата „Драги“ едногласно реши да му се додели и специјална признание-плакета за продолжување на преведувачката традиција и креативниот дух на Драги Михајловски на Никола Ѓелинчески за неговиот превод од шпански јазик на „Претпесни на постшпански и други песни“ од Хорхенрике Адум во издание на Алеф публикации.

Комисијата изрази и благодарност до издавачката куќа „Антолог“ од Скопје и до сите преведувачи и издавачи кои учествуваа на конкурсот за Наградата „Драги“. На сите нив им посака успех на следните конкурси, а на наградата „Драги“ која годинава, некако природно, се вдоми на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, каде што Драги Михајловски го помина целиот свој работен стаж, ѝ посакаа долговечност.

На настанот, деканот на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Владимир Мартиновски, и главниот уредник на „Антолог“, Жарко Кујунџиски, потпишаа меморандум за соработка со кој Факултетот стана партнер во организирањето на наградата.

Во истата прилика се додели и интернационалната награда „Драги“ за најзначаен превод на македонски автор на странски јазик на превeдувачката Александра Јоаниду за преводот на книгата „Мојот маж“ од Румена Бужаровска на грчки јазик.

Related Articles