Home » Награда за писателката Јасмина Јошевска во Австралија

Награда за писателката Јасмина Јошевска во Австралија

by culturalchat

Писателката Јасмина Јошевска на литературниот конкурс „Ванчо Николески“ од истоименото македонското литературно друштво во Квинбијан, Нов Јужен Велс, Австралија, ја освои првата награда за песната „Составено и оставено“.

Останатите награди отидоа кај: Божана Тренческа од Прилеп , која ја освои првата награда и во категоријата за најдобар расказ, Славко Крстевски од Демир Хисар. Во категоријата најдобар расказ наградени беа  и Мила Спасенцова и Блажо Стојаноски.

Посебна награда за оргиналност отиде кај Митре Мангоски Радожански од Охрид. Во категоријата на автори од Австралија наградени беа Емилија Тодорова, Емил Попорданоски , Наум Пауноски, а во категоријата раскази: Гордана Димовска,  Љубица Поповска и Нове Младеновски. На конкурсот пристигнале 55 песни и 21 расказ од 59 автори од сите краеви на Македонија, како и од локални автори од Австралија. Жири комисијата беше во состав: Билјана Петровска претседател, Наташа Ѓоргоска и Снежана Димитровска.

Јошевска ги има напишано книгите: Долина на солзите“, „Од чешмата на времето“, „Клавирот на животот“, „На врв и на дно“, „Остани“, „Димензионално послание“, „Од до“. Секојдневието е нејзината најголема инспирација. Пишува повеќе поезија за возрасни, но има и книга за деца. Родена е на 18 март, 1980 година. Автор е и на повеќе книги поезија.

До својата 19 година живеела во Крушево, наредните години живее и твори во Битола, а потоа и во Скопје. За себе вели дека започнала да пишува од свои 13 години.

„Се започна кога наставничката по македонски јазик ни кажа дека можеме да напишеме песна за пожар каде јас на регионален натпревар добив второ место. Тоа ме израдува многу и од тогаш почнав нормално да пишувам детски песнички. Сепак за мојот почеток кон поезијата големо влијание имаше професорот по македонски јазик во трета година кој успеа на поинаков начин да ме поттикне да погледнам длабоко во себе и да го пронајдам својот талент. Од тогаш многу посериозно навлегов во литературните води. Постојано се случуваше да барам од себе нешто подобро“, истакнува Јасмина.

Во 2022 организираше хуманитарен настан и мини концерт во Скопје со промоција на нејзините дела. Доделувањето на наградите на литературниот конкурс „Ванчо Николески“ ќе се одржи на 25.февруари,  во просториите на Македонскиот центар во Квинбијан.  На истиот ден литературното друштво ќе прослави седум години од своето постоење.

На оваа прослава ќе биде промовиран романот „Жална Македонија“ од Велика Џангаловска Гатсис,член на друштвото , како и  печатената публикација зборник од поднесените трудови за наградата „Ванчо Николески 2023”.

 

Related Articles