Home » „Најсреќниот човек на светот“ на Теона Митевска во трка за Европските оскари

„Најсреќниот човек на светот“ на Теона Митевска во трка за Европските оскари

by culturalchat

“Најсреќниот човек на светот” на Теона Стругар Митевска влезе во селекцијата за Европските филмски награди, соопшти Европската филмска академија (ЕФА). Втората група ќе биде објавена во септември. Станува збор за филмови кои се предлог за номинации, кои ќе ги избираат сите 4.600 членови на Академијата.

Врз основа на гласовите на 7 ноември ќе бидат објавени, номинациите во категориите: најдобар европски филм, режисер, актер, актерка, сценарист и европски документарен филм. Свеченото доделување на наградите, познати како европски Оскари, е закажано на 9 декември во Берлин. За да може да се квалификува за наградите, се земаат предвид филмови кои имале прва официјална проекција во периодот од 1 јуни 2022 до 31 мај 2023, и да имаат режисер од Европа.

Избраните филмови ќе бидат земени предвид и за наградите во категориите за најдобра кинематографија, монтажа, продукциски дизајн, костимографија, шминка и фризура, оригинална музика, звук и визуелни ефекти.

Филмот е сниман на локации во Скопје и во Сараево. Од македонските актери, во филмот играат Ана Костовска, Николина Кујача и Лабина Митевска, додека главните улоги ги толкуваат Јелена Кордиќ-Курет и Аднан Омеровиќ, а играат и Фирдауз Неби, Џевдет Јашари и Зорица Нушева од Македонија во низа епизодни улоги заедно со Ксенија Маринковиќ од Хрватска, Изудин Бајровиќ, Ирма Алимановиќ, Ведрана Божиновиќ, Мона Муратовиќ, Синиша Видовиќ, Кемал Ризвановиќ од БиХ.

Филмот е македонска мнозинска копродукција со 5 земји, меѓу кои и БиХ. Премиерата беше лани на Венецискиот филмски фестивал во програмата Хоризонти, а македонската премиера беше на 2 септември. Беше годинешен македонски кандидат за оскар за најдобар странски филм.

Ова е приказна за непредвидливоста на животот, случајните средби помеѓу напаѓачот и жртвата, оживувањето на болното минато; ова е приказна за невозможни спојки, за љубовта и апсурдот. Филмот започнува како хумористична екскурзија и се развива во планина од искуства.

Филмот, кој е целосно на босански јазик, се случува во Сараево и е заснован на вистинска приказна на косценаристката Елма Татарагиќ. Дејството ги следи 40-годишната Асја и 43-годишниот Зоран, кои се запознаваат на настан на барање партнер. Сепак, Зоран не бара љубов, туку прошка. За време на војната во БиХ, тој пукал на градот од противничката страна и сака да ја запознае својата прва жртва.

Најсреќниот човек на светот„ на Теона С. Митевска доби награда за најдобар филм од ПЕКК, 35.
издание на Панорама на европски филм во Атина, на Филмскиот фестивал на словенечки филм во Порторож, освои три награди и тоа наградата за најдобра малцинска копродукција, што ја доби режисерката и копродуцентската куќа „Вертиго“. Филмот ги доби и наградите за најдобра костимографија, за Моника Лорбер, како и за најдобра шминка – за Мојца Горогранц Петрушевска.

“Најсреќниот човек на светот” е поддржан од Агенцијата за филм во 2020. Лабина Митевска е носечка продуцентка на филмот преку нивната компанија „Сестри и брат Митевски“. Директорка на фотографија е Белгијката Вирџини Сент Мартен, сценограф е Вук Митевски, костимите ги изработи Словенката Моника Лорбер, шминката е на Мојца Горогранц-Петрушевска, а монтажер е Пер Киркегард од Данска.

Related Articles