Home » Пендаровски одликуваше со Орден за заслуги седум истакнати културни уметници

Пендаровски одликуваше со Орден за заслуги седум истакнати културни уметници

by culturalchat

Претседателот Стево Пендаровски, на свечена церемонија што се одржа во Филхармонијата ги  одликуваше Бедија Беговска, Благоја Чоревски, Ѓокица Лукаревски, Оливера Николова, Рефет Абази, Ристо Вртев и Слободан Унковски со Орден за заслуги за Република  Македонија.

Пред самото доделување истакна:

„ Низ годиниве имав чест да им оддадам признанија на повеќемина поединци и институции од областа на уметноста и културата – да доделам највисоки признанија за нивните особени постигнувања со кои ја задолжија нашата држава. И денес, како и претходно, би сакал да подвлечам дека иако сме мала земја, можеме да се пофалиме со извонреден уметнички и креативен потенцијал и со исклучителни автори и уметници врз чиишто опус, можеме слободно да кажеме, почива арматурата на современата македонска култура. Дозволете уште еднаш да го потенцирам круцијалното значење на вреднувањето на националната култура и уметност и на домашните автори и творци. Благодарение на нив имаме со што да му се претставиме на светот и да бидеме компетитивни во меѓународниот „натпревар на културите“. Да ги почитуваме и соодветно вреднуваме овие наши национални величини, бидејќи тоа е начинот да покажеме дека се почитуваме себеси и дека ја сакаме својата земја. Македонија не сме ние политичарите, Македонија се нејзините артисти и уметници“.

Бедија Беговска е одликувана за значајната, плодна и интернационална кариера како една од најпознатите театарски и филмски актерки, која со својата театарска прецизност и моќна интерпретација прерасна во една од водечките актерки, не само во Македонија, туку и пошироко. Особено е значаен нејзиниот придонес и блескавите улоги одиграни во Турскиот театар. Беговска подеднакво е успешна и пред камерите каде што остава особен печат и остварува маркантни улоги.

Благоја Чоревски е одликуван за извонредната актерска игра со која има обезбедено почесно место во пантеонот на македонскиот театар воопшто, актер со моќна трансформација и со вештина за импровизација, актер во кој истовремено се судираат трагичното и смешното, комичното и драмското. Импозантна е бројката на одиграни улоги на Чоревски, како и одгласите на критиката и публиката во суперлативи за неговите остварувања. Впрочем за неговото актерско мајсторство најдобро говорат бројните добиени награди и признанија.

Ѓокица Лукаревски е одликуван за извонредната четиридецениска актерска кариера во македонскиот театар. Доајен на македонското актерство, со неверојатна моќ на трансформација и интерпретација на различни ликови, од сериозни до комични, со што го покажа својот непроценлив актерски талент. Иако за пошироката публика Лукаревски е најпознат со улогите на комични и хумористични ликови, тој се вгради себеси во еден мошне широк дијапазон на ликови успешно креирајќи улоги во различни жанрови. Карактеристично за него е длабокиот и моќен гласовен израз, а ова негово мајсторство е изразено и во бројните синхронизации во кои учествува.

Оливера Николова е писателка чиешто творештво се одликува со исклучителна ритмичка возбудливост и со раскошен емоционален и модерен сензибилитет. Николова стои на самиот врв на современата македонска книжевност чиишто дела ќе одѕвонуваат и во иднина. Несомнено е една од најголемите имиња на македонската литература за деца со чии книги растеа, растат и ќе растат генерации деца и млади и нејзините дела наменети за возрасните ја потврдуваат како најзначајна македонска прозаистка чиј ракопис, како што вели критиката, по својот тематски слоевит корпус, комплексните ликови и нивните взаемни релации секогаш, на еден длабок, проникнувачки начин го допираат целиот спектар на општествени динамики.

Рефет Абази е еден од најзначајните и најкомплексните актери од средната генерација, но, воедно, и исклучителен писател и плоден педагог, како и професор по актерско мајсторство. Се одликува за огромниот спектар на актерски остварувања коишто се одликуваат со темелен, аналитички и методолошки пристап. Со својата оригиналност и моќ на трансформација, тој делува силно и убедливо на сцената, фасцинирајќи ги гледачите со реалистичната интерпретација. Абази, освен на сцената постигнува и значајни успеси и во книжевниот, драмскиот и во прозниот израз.

Различните жанрови во популарната музика имаат непроценливо значење во секојдневната, во живата култура. Од авангардните правци до мејн стрим звуците, во последниве седумдесет години создадени се безброј значајни уметнички дела во популарната музика. Rock’n’roll-от денес е веќе своевидна класика, но, во таа класика не сите песни го поминуваат судот на времето и вкусовите на новите генерации. Како ретко кој автор не само на нашите простори, туку и во пошироки рамки, Ристо Вртев со својата музика и творештво создаде незаборавен поетски и композиторски опус кој ја одбележа авангардната култура. Тоа е опус кој не старее иако генерациите се менуваат. Стиховите од неговите песни се пример за автентично урбано, поетско писмо чии пораки траат низ времето.

Слободан Унковски се одликува за огромното, уникатното и светското значење во современиот театар. Неговото име е впишано длабоко, не само во националната, туку и во светската историја на театарот, неговите дела претставуваат пресвртница во творештвото на поединечни уметници, но и на театрите воопшто. Тој го издигна македонскиот театар и поширокиот културен контекст на највисоко рамниште, а преку својата режисерска умешност ја промовираше нашата современа култура низ светот.

 

 

 

 

Related Articles