Home » „Подобро на гранка отколку заглавен во лифт“-изложба на Масин во Скопје

„Подобро на гранка отколку заглавен во лифт“-изложба на Масин во Скопје

by culturalchat

„Подобро на гранка отколку заглавен во лифт“ е насловот на самостојната исложба на Мирослав Масин, еден од најеминентните македонски современи сликари, која беше отворена во Даут пашин амам, во Скопје. Изложбата ја сочинуваат 150 дела од сите фази на творештвото на уметникот работени во различни техники: автопортрети, стари работи, Мајмун-човек-мајмун, реализам, пастрмки, Риба-птица-жена, Ашанте, Од кујната на Масин, Внимавајте, паѓаат јајца на око!, но со акцент на најновите дела од 2023 и 2024 година.„Боемот и вечен вљубеник во уметноста Масин, веќе речиси 40 години ги руши стереотипите со своето творештво. Тој ужива со секој миг посветен на креативност, во секоја размисла, инспирација, внатрешна конфронтација и секако секој потег на четката врз платното. Не се заморува со високи позиции и ‘нарачана респектабилност’, туку едноставно живее за да слика и ужива во животот, и вели дека признанието ќе дојде само по себе и со одредена дистанца“, рече на отворањето на изложбата директорката на Националната галерија Дита Старова-Ќерими.„Изложбата не е само прослава на уметноста, туку и почит кон креативноста, страста, искреноста, доследноста и визијата на уметникот чии дела оставиле неизбришлива трага на нашата македонска ликовна сцена. Националата галерија низ годините покажа голема грижа за валоризација, ревалоризација и презентација на најзначајните македонски уметници од различни генерации, почнувајќи од најстарите основоположнички генерации па се до автори до денешната средна генерација кои имаат значајни остварувања во нашиот визуелен паноптикум. Мирослав Масин е несомнено еден од нив“, рече Старова – Ќерими.Неговото дело ги надминува границите и зборува универзален јазик кој резонира со сите што го гледаат. Но надвор од платното, наследството на Масин се протега надалеку и на широко. Тој не е само сликар, тој е раскажувач, филозоф и светилник на инспирација за генерациите што доаѓаат. Неговата уметност служи како потсетник на моќта на креативноста да трансформира и да не обедини во нашата заедничка човечност. Уметникот Масин изрази задоволство што може да изложува во еден возбудлив, феноменален простор како што е Даут пашин амам. Сликарството вели, за него е и работа и хоби, големо задоволство низ кое учиш и се себе спознаваш.„Кога ќе се откриеш самиот себе си, тогаш можеш да се наречеш уметник. Јас себе не се викам се уште уметник. Треба да помине барем еден период на проверка од историјата. Ретки се уметници како Пикасо, ете и јас да се ставам  меѓу нив, лажно нескормен. Но тоа е ретко за време на животот на уметникот. Размислувам кога сум сам, но кога ќе се качам во ателјето се е тоа опуштено и секако тука се сите влијнанија до тој ден, влегуваат преку очите, мозокот, срцето и излегуваат преку раката“, вели Масин.

Кураторката на изложбата Маја Чанкуловска-Михајловска истаклна дека се надева дека публиката ќе ужива во овој, како што вели, мал сегмент од богатото творештво на Масин кој годинава бележи четири децении од својата работа. Изложбата на Мирослав Масин е дел од Програмата на Националната галерија за 2024 година и е финансиски поддржана од Министерството за култура.Масин уметничката кариера ја започнува под влијание на експресионизмот на Петар Мазев, а под менторство на Димитар Кондовски, Родољуб Анастасов и Душан Перчинков, за кои иако различни во пристапот, вели дека биле одлична комбинација и рамнотежа на ред, конзистентност, слобода и ерудитство. Френетичниот и динамичен, но сигурен цртеж е постојано присутен во неговите дела како скелет, структура и база во неговите композиции, а вториот мошне значаен елемент во неговото творештво е заситената, интензивна и експресивна боја. Денес, со еден ретроспективен поглед врз неговото четириесет годишно творештво, тоа оддишува со една ПОП димензија (и покрај генералната разлика во стилскиот пристап од реализам, хиперреализам, фантастична фигурација, експресионизам) и како пристап, и како привлечност, и како начин на живот, полно со интензивен колорит кој го мами консументот на неговото дело.

Related Articles