Home » Презентирана изложбата „ Зад Македониумот“

Презентирана изложбата „ Зад Македониумот“

by culturalchat
Едно од најсовремените дела на македонската уметност, несомнено е монументалниот скулптуларно-архитектонски споменик во чест на Илинден,  „Македониум“, на тандемот Искра и Јордан Грабулоски. Изграден во 1974 година, овој вонвременски споменик е вброен како врвно дело и во светската  литература на современата уметност. Сите аспекти на овој сложен објект, кој  ја надрасна основната комеморативна функција и стана дел од светската споменична уметност се претставени на изложбата која е отворена за јавноста, „Зад Македониумот”, во кабинетот на претседателот Стево Пендаровски. Се работи за изложени скици, цртежи, фотографии и макети од личната колекција на Јордан и Искра Грабулоски. Изложбата се организира по повод одбележувањето на 31 година независна македонска држава и преку неа се претставуваат значајните дела од богатата современа македонска културно-историска ризница. Во своето обраќање пред присутните гости, претседателот Пендаровски истакна дека благодарение на семејството Грабулоски, на Лира Грабул и Сатја Грабулoски, изложбата е можност  да погледнеме во светот на интимните и детални творечки процеси, во повеќеслојните наративи, визии, дилеми и перспективи кои се одвивале при уметничкото и архитектонско осмислување на „Македониумот“. „Споменикот на Илинден во Крушево, познат како Македониум, е несомнено најкомплексното и би се осмелил да кажам –  најрепрезентативното скулптурално-архитектонско дело кое е возвишен израз на нашата современа уметност, култура и архитектура. Македониумот е парадигма за тоа како големите историски наративи можат и треба да се толкуваат и препрочитуваат во контекстот на современоста и актуелноста. Токму преку пристапот во конципирањето и реализацијата на Македониумот, и на целиот пејзаж околу него, гледаме дека историското наследство може да биде стартна позиција за еманципираната и универзална иднина, а не простор на застоеност и ретроградност“, рече претседателот Пендаровски. Она што, според претседателот, најмногу инспирира во делото на Јордан и Искра Грабулоски, а што може да го согледаме и низ оваа изложба, е тоа што преку конципирањето на споменикот во Крушево, свечено отворен на 2 август 1974 година , авторите настојувале да ги посочат автентичните корени на оваа земја, од која произлегуваат новите општествени и културно уметнички парадигми. Ќерката на Јордан и Искра Грабулоски, Лира Грабул, посочи дека Македониумот е симбол на македонската нација и историја, но и на индивидуалниот став на автори кои твореле во едно време, кога уметноста им припаѓаше комплетно на уметниците. „Јордан беше вајар, а Искра архитект, па во естетиката на споменикот се чувствува синергијата која постоеше меѓу нив и сензитивноста на времето во кое твореа и живееа. Јордан беше исклучително креативен автор, нурнат во своите естетски, емотивни и умствени игри, а Искра беше керозинот и сврзниот двигател во процесот на раѓањето на споменикот. Заедничко за двајцата беше нивната храброст во естетскиот израз и фактот што беа свртени кон современата иднина“, додаде Грабул. Низ изложбата присутните гости беа водени од Владимир Јанчевски, куратор и теоретичар на уметноста. Изложбата ќе биде достапна за посета за широката јавност преку платформата Отворен Кабинет до 30 септември.  

Related Articles