Home » Промовирана книгата „Чашуле, приказнувачот“ во рамките на МТФ.„Војдан Чернодрински“

Промовирана книгата „Чашуле, приказнувачот“ во рамките на МТФ.„Војдан Чернодрински“

by culturalchat

Книгата – монографија „Чашуле, приказнувачот“ од театрологот Ана Стојаноска, беше промовирана во рамките на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ што од 9-ти до 16-ти се одржува во Прилеп. „Научна и емотивна книга за македонскиот писател и драмски автор Коле Чашуле, исклучително ретка во македонската театролошка литература“, беше истакнато на промоцијата. Театрологот Јелена Лужина рече дека емотивното воопшто не ѝ пречи на научноста на книгата.

„Исклучително ретко како што досега немавме во македонската театролошка литература, а можеби и воопшто во литературата, хибридно по својата содржина, темелно испишано и направено, дело кое може да се преведе на кој било јазик и да добие највисоки награди. Освен што треба да се има длабоко теориско и практично познавање, оваа книга има и нагласено емотивен однос, кој на таа научност не ѝ пречи, туку ѝ додава дополнителни валери“,  изјави Лужина и додаде „ Не само во жанровска, туку и во поетичка смисла, книгата Чашуле – приказнувачот се препознава како прилично, дури и експлицитно „хибридна“: нејзиниот „темелен“ дискурс е, напоредно, и научно дистанциран (театролошки аргументиран/„објективен“), ама и евидентно „субјективен“: интимистички тактилен, речиси романескно „расприкажан“, поетичен. Авторката на книгата- монографија за Коле Чашуле, театрологот Ана Стојаноска емотивно го нарекува „мојот втор татко“ кој ја учел да пишува и да има однос кон светот кој ја опкружува.

„Книгата ја замислив како троен преглед на три важни топоси поврзани со неговата и со мојата работа. Ја насловив како „Коле Чашуле: Приказнувачот“, според еден од текстовите во книгата. 

Книгава е димензионирана да биде и лична, и научна, и непосредна, и објективна, и театролошка, но и своја каква што треба да е една книга за Коле Чашуле на стогодишнината од неговото раѓање. Коле Чашуле е мојот втор татко. Човекот што ме научи како да пишувам, како да работам, како да се однесувам во светот на театарот и книжевноста, во животот, воопшто. Човекот што ми беше огромна поддршка во процесот на образование и растење. Некогаш зборовите се скржави да го искажат количеството емоции што гo носиме за одредени луѓе. Моите за мојот чичко Коле, мојот втор татко, решив да ги напишам во оваа книга. Книга што на едно место ќе може да го прикаже моето формирање како автор и како писател, и како театролог, и книга што на едно место ќе го толкува, ќе го интерпретира или само ќе одгатнува мал дел од творештвото на Коле Чашуле. Некои од текстовите се веќе објавени во списанијата „МАНУскрипт“, „Спектар“, „Современост“ и „Стожер“ . Авторката сакала да напише  книга која ќе спои неколку различни работи: ќе го спои нејзиното  сеќавање за Чашуле преку нејзина театролошка анализа, со една книжевна анализа на крајот, зашто што сметала дека еден дел од неговото прозно творештво не е доволно добро обработено во македонската книжевна наука. „Оваа книга има неколку различни страни и една од најважните ми е што излезе онака како што ја замислив. Во средишниот дел на црна хартија со бели букви е реконструкцијата на „Црнила ремикс“, една од најважните претстави што нѝ се случи во последниве години во македонскиот театар“,  изјави Стојаноска.  Таа изрази посебна благодарност до професорката Јелена Лужина за помошта и поддршката, до Кире Галевски за отстапените фотографии, Горјан Донев за дизајнот на книгата, Тодорка Балова за лектурата.

„Оваа книга чекаше универзумот да ги склопи сите коцки. Ако со оваа книга барем малку придонесам за културата на оваа земја, ќе им бидам вечно благодарна на моите двајца татковци“, рече театрологот Стојаноска, на самата промоција. Истата беше во рамките на програмата „Автор во фокус“,издадена со помош и поддршка на Факултетот за драмски уметности од Скопје и издавачката куќа „Арс Ламина“ и делумна поддршка од Министерството за култура.

Related Articles