Home » Професорката Маргарита Татарчевска одржа семинар во Прилеп

Професорката Маргарита Татарчевска одржа семинар во Прилеп

by culturalchat

Во просториите на ООМУ “Ордан Михајлоски-Оцка” во Прилеп, се одржа семинар по пијано на кој учествуваа учениците од ова училиште. Семинарот го водеше проф. Маргарита Татарчевска, долгогодишен истакнат професор по пијано во Државното Музичко Училиште во Битола.За нејзиниот особен придонес во развојот на пијанистичката педагогија во Македонија, таа е добитник на награда за животно дело која и ја додели Здружението на музичките и балетските педагози на Македонија. Татарчевска долги години беше професорка по пијано и шеф на клавирскиот оддел во Битолското музичко училиште, сега е професор во пензија. Родена во Битола, каде завршува основно и средно музичко образование во класата на професор Милица Шперовиќ-Рибарски. Своето школување го продолжува на Факултетот за музичка уметност на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на одделот по пијано, во класата на професор Лепша Пиперковска. Во 1973 година се вклучува во воспитно образовниот процес во Музичкото училиште во Битола, како професор по пијано и работи во овој училишен центар сè до своето пензионирање во 2012 година. Пијано одделот на битолското Музичко училиште под нејзино водство од цели 20 години, достигнува највисоки резултати и квалитативно ја проширува дејноста, петкратно зголемувајќи го бројот на вработени професори по пијано.

Маргарита Татарчевска со својот методолошки пристап и педагошка посветеност на работата едуцираше повеќе од 200 ученици во нејзината класа од кои 25 во специјалната пијано класа. Нејзината темелност и перфекцинизам и го носи најголемиот професионален успех со кој еден педагог може да се пофали,  а тоа се успесите со нејзините ученици, што го потврдуваат стотината награди, меѓу кои: 4 лауреати, 10тина специјални, 30тина први и многу втори и трети награди, како и безброј пофалници на бројни државни и меѓународни натпревари.За својата посветеност на пијаното и неговата популаризација на пошироката јавност во особено во Битола и југозападниот дел од Македонија, Маргарита Татарчевска е добитник на повеќе дипломи и благодарници за нејзиниот ангажман на повеќе државни и меѓународни натпревари, како и награда за повеќегодишна успешна работа во областа на музичката педагогија во 2005 година.

 

Related Articles