Home » Публиката воодушевена од петте македонски кратки филмови на „Браќа Манаки“

Публиката воодушевена од петте македонски кратки филмови на „Браќа Манаки“

by culturalchat

Во рамките на специјалната селекција, на програмата на 44. Издание на ИФФК „Браќа Манаки“ беа прикажани неколку македонски кратки филмови: „Так, так“, „Еден тон сладолед“, „Дали си маж?“, „Сценариото“ и „Кутии“, зад кои стојат истакнатите македонски кинематографери Дејан Димески, Душан Кардалевски, Александар Касапинов, Ѓорѓи Клинчаров и Наум Доксевски. Ова е одличен спој на една млада генерација и искусна група на кинематографери и таа синергија е очигледна во сите филмови. Македонската кинематографија, особено кратката е во нагорна линија. Овие пет филмови наликуваат на еден многу компактен омнибус проект, сите како да се надоврзуваат еден на друг, а во сите градот Скопје има главна улога.

Димески е кинематографер на првиот филм на неговата ќерка, Ангела Димеска и иако, како што рече не сакал таа да студира режија сепак попуштил и и помогнал што подобро да се подготви.

„Буквално сама го подготви филмот, а мојот принцип на работа е да ја оставам во нејзината креација, замисли и концепција за филм, сама да го почувствува сето тоа. Се разбира дека ќе помогнам, но таа мора да се осознае како автор, како режисер и како синеаст, односно да се осознае самата. Јас можеби имав поголема трема од Ангела. Можеби затоа што првпат работиме заедно на професионален план и секоја сугестија од нејзина страна ја прфаќав, иако вообичаено сум строг, овој пат бав малку попустлив. Филмот го работевме во текот на три снимачки дена, а Ангела работеше со актери и го подготвуваше три-четири месеци. Се надевам дека направиваме интересен краток филм, а таа ќе продолжи да создава филмови“, рече Димески.

Тој  има добиено Бронзена камера 300 на „Браќа Манаки“ за филмот „Жаба“, и благодарение на соработката со режисерот на тој филм добил понуда да снима серии таму.

Душан Кардалески е кинематографер на филмот на неговата сестра Александра Кардалевска. „Ова не ни е прв заеднички проект, веќе работевме еден во Истанбул. Александра докторираше на Државниот универзитет во Турција и ме покани да снимаме еден краток филм што за мене беше тешко, бидејќи камерата не треба да не биде забележлива, да нема светло…се што сме учеле, овде требаше да биде обратно, но добро се снајдовме, добро го завршивме проектот, така што ова не беше прва наша соработка. Овој филм беше многу полесен за работа иако пристапот беше од друга страна. На сетот сите очекуваа дека можеби ќе има недоразбирање бидејќи сме брат и сестра, но немаше таква ситуација. Снимањето помина одлично, се беше во најдобар ред“, рече Кардалевски.

Тој кажа дека во филмот, директорот на Фестивалот „Браќа Манаки“, Симеон Мони Дамевски го глуми Шерлок Холмс и објасни како ги доловувал ефектите со светлината.

Александар Касапинов е долгогодишен, искусен кинематографер, кој долги години е присутен на Фестивалот како резултат на неговиот ангажман како камерман во Македонската телевизија.

„Со режисерот досега сме соработувале на краток игран филм и на документарен филм и сега дојдовме на идеја да аплицираме за краткометражен игран филм. Говори за минатото и Јане мошне добро се снајде“, изјави Касапинов. Од присутните пристигнаа пофалби и констатација дека тие пет македонски филмови се еден од најубавите моменти на Фестивалот оваа година и дека е евидентна таа нагорна линија на македонскиот краток филм.

„Како претседател на Македонската асоцијација на кинематографери морам да кажам дека многу ми е драго што македонските кинематографери полека го освојуваат светот. Има многу веќе зрели директори на фотографија, има плејада на директори на фотографија кои навистина си ја знаат работата“, истакна Димески.

Related Articles