Home » Симон Трпчески одржа концерт во родното село на мајка му-Секирник

Симон Трпчески одржа концерт во родното село на мајка му-Секирник

by culturalchat

Симон Трпчески одржа концерт во струмичкото село Секирник во општина Босилово. После големите светски сцени тој го претстави проектот Македонисимо и пред публиката во родното место на неговата мајка. За него ова било најсоодветен начин за потсетување на големото музичко богатство на Македонија, но и на нашите корени.

Концертот се одржа на отворено, а во маестралните изведби на маестро Трпчески и неговите пријатели имаа можност да уживаат неколку илјади посетители од целиот регион. За градоначалникот на Босилово ова е историски настан, но и пример кој треба да го следат сите големи уметници.

„Единствено, неповторливо, уникатно. Светско, а наше. Вакво нешто ретко се доживува во нашата општина“, рече градоначалникот на Босилово, Ристо Манчев, а Трпчески по концертот рече дека треба да си ги негуваме своите корени. Концертот беше дел од манифестацијата Културно лето Босилово 2023.

Со истиот Симон и официјално ја стартуваше балканската турнеја на Македонисимо што ќе трае до октомври, а ќе ги вклучи настапите во Хрватска, Србија, Словенија, Црна Гора и Романија. Минатата година овој музички проект маестро Трпчевски го претстави и во струшкото село Збажди родното место на неговиот татко. И стари и млади се собраа во претесниот двор на училиштето „Кирил и Методиј“ и околу два часа уживаа во звуците кои изобилуваа со македонски и етно елементи на традиционалната музика.

Со реализацијата на овој концерт, како што кажа пијанистот, му се исполни желбата да го престави „Македонисимо“ во селата од каде потекнуваат неговите родители и места кои се извор на македонската музика.

„Овој концерт беше моја дамнешна желба. Еден ваков проект кој укажува на длабоките корени на македонскиот народ, мислам дека нема поосоодветно место отколку да се свири во села, од каде се раѓа сета енергија и целото богатство. Секирник и струмичката околија имаат исклучително важно место во историјата на Македонија и буди огромни чувства кај мене и сите колеги од пректот „Македонисимо“. Овој проект ги отсликува традицијата, корените на нашата држава и нашиот народ, бидејќи имаме со што да се гордееме и да не се плашиме да го покажеме во светот“, кажа Трпчески во Секирник.

Тој  беше пречекан со традиционална погача во Домот на културата. Младите се облекоа во народни носии за неговото доаѓање, додека од страна на Русалиите во ова населено место му беше доделана „к’лчка“, реквизит при изведба на русалиските ора.

„Уште една мисија остварена! Во сржта. Онаму од каде што доаѓа народната музика. Од селото, од народот. После легендарниот концерт во Збажди минатата година, во родното место на татко ми – Ѓорѓија Трпчески, овојпат во родното место на мајка ми – Нетка Трпческа, родена Бајрактарова, на само неколку метри од нејзината родна куќа, во Секирник, Општина Босилово. Во историскиот регион на Македонија, каде што се чува традицијата на Русалиите, во прекрасна атмосфера, со почит од многубројните среќни луѓе кои нѐ опсипаа со многу љубов, слушајќи го модерниот звук на МАКЕДОНИСИМО, проектот кој ја слави Македонија и нејзината музика, уметност, култура и историја“, додаде Трпчески.

Заедно со Симон настапија Александар Краповски – виолина, Хидан Мамудов – кларинет, саксофон и кавал, Александар Сомов – виолончело, Влатко Нушев – удиралки, специјален гостин: Сашо Митев – кавал .

На 23- ти октомври проектот Македонисмо ќе биде презентиран во Загреб во салата „Ватрослав Лисински“.

Related Articles