Home » Симон Трпчески одржа семинар во Државното музичко училиште во Битола

Симон Трпчески одржа семинар во Државното музичко училиште во Битола

by culturalchat

Реномираниот македонски пијанист Симон Трпчески одржа семинар по пијано во Државното музичко училиште во Битола.

„ Инспиративни и мотивирачки два дена во нашето училиште, заедно со најголемото име од македонската пијанистичка сцена, маестро Симон Трпчески. Благодариме за несебичното пренесување на знаење и искуства на младите пијанисти, кои ќе им помогнат во совладување на следните предизвици. Среќни сме што можевме да споделиме убави музички моменти заедно со него“, истакнаа од Музичкото училиште.Неодамна Трпчески ја имаше македонската и балканската премиера на оркестарската верзија на Македонисимо, во Скопје со неговиот квинтет и оркестарот АЈГА и диригентката Ана Спасовска. Гости солисти беа Александар Краповски, на виолина со своите емотивни изведби, Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и кавал, гостинот од Бугарија, Александар Димитров, како и Влатко Нушев на удиралки и тапани. Меѓу гостите беше и виолинистот Владимир Крстев.Трпчески се етаблира како еден од најзначајните музички уметници во последните години, почитуван не само поради беспрекорната техника и деликатната експресија, туку и поради неговата топла личност и заложбата за зајакнување на културниот имиџ на Македонија. Често настапува како солист во Велика Британија со оркестрите во Лондон и Бирмингем, со оркестарот Хале, со Кралскиот оркестар на Ливерпул, но постојано е ангажиран и како солист со Кралскиот Концертгебау оркестар во Амстердам, со Рускиот национален оркестар и оркестарот на „Баљшој“ театарот во Москва, со НДР Симфонискиот оркестар од Хамбург, Германскиот симфониски и Радио-симфонискиот оркестар на Берлин, со WDR Симфонискиот оркестар на Келн, Радио-симфонискиот оркестар на Лајпциг, оркестарот Тонкунстлер во Виена, оркестрите на Ротердам, Стразбур, Кралскиот филхармониски оркестар на Стокхолм, како и филхармониите на Санкт Петербург, Њујорк, Лос Анџелес, Сан Франциско, Чикаго, оркестрите на Балтимор.Македонскиот пијанист добива огромно признание за неговите рецитални снимки за „ЕМИ“. Неговото прво ЦД за оваа куќа (2002) кое содржи дела од Чајковски, Скрјабин, Стравински и Прокофјев, ги доби наградите на „Грамофон“ – „Избор на уредникот“ и „Деби албум“. ЦД-то „Вигмор хол лајв“, пак, веднаш беше прогласено од страна на „Телеграф“ за „Класично ЦД на неделата“ (2012). Во 2010/2011 на две ЦД-а, Трпчески ги сними сите четири концерти за пијано од Рахмањинов со Василиј Петренко и Кралскиот филхармониски оркестар на Ливерпул, за компанијата„Ави“. И двете изданија беа признати од „Грамофон“, Класик ФМ и „Дијапазон Д’Ор“. Неговите последни изданија ги содржат Концертите за пијано бр. 1 и бр. 2 од Чајковски, повторно со маестро Петренко и КФО на Ливерпул (2014) објавени под капата на „Оникс Класикс“, како и снимката од рециталот во „Вигмор хол“ со дела од Брамс, Равел и Пуланк (2016). Со посебна поддршка на „КултурОп“, една од водечките културни организации и Министерството за култура на Македонија, Трпчески редовно работи со млади музички уметници од Македонија. Во 2011 година, тој стана првиот добитник на титулата „Национален уметник на Република Македонија“.

Related Articles