Home » Со етнографскиот филмски фестивал се отвори 52.издание на Илинденски денови

Со етнографскиот филмски фестивал се отвори 52.издание на Илинденски денови

by culturalchat

Со првото издание на Интернационалниот етнографски филмски фестивал, започнаа годинешните 52 по ред ИЛИНДЕНСКИ ДЕНОВИ. Центарот за култура во Битола е и организатор и дом на овој прв фестивал од ваков тип кај нас, посветен на широк спектар на етнографски филмски теми и авторски пристапи во истражување на традиционалното, но и модерниот начин на живот на заедниците во кои живееле и живеат луѓето, нудејќи разновидни увиди и методологии на работа на тимови од цел свет на такви филмови.

На свеченото отворање присуствуваше и градоначалникот на Битола Тони Коњановски. Селектор на овој филмски фестивал е Тони Гламчевски, новинар од Франција кој со својата сопруга Блондин, таму организира свој фестивал и за оваа прва година направи е избор на 11 филмови, од кои 6 се долгометражни. Селектираните филмови опфаќаат широк лак на интереси од културолошка тематика, како и социјална антропологија од повеќе континенти.

„Мисијата на овој  Интернационален етнографски филмски фестивал е да ги охрабрува истражувачките и создавачки пристапи во етнографските филмови, да ја едуцира публиката за богатството и разновидноста на локалните културни традиции, но и да го буди гласот на совеста кај проблемите на современите општества предизвикани од недоволната грижа за културното наследство“, изјави Гламчевски.

„Од корените…до цветот“ е годинешниот слоган на фестивалот кој значи лето во Битола, значи носење на светскиот фолклор на улиците и сцените низ нашиот убав град, значи и поздрав и со нашите македонски игри и песни, обичаи, значи почит кон традицијата и поглед вперен кон тоа како традицијата ни дава сила за иднината, како и коренот што дава надеж за цветот.

Селектор долги години кој стои зад комплетната програма и организација на фестивалот е Валентин Соклевски.

На првиот ден на фестивалот беше прикажан филмот “Како ирвас под небесниот свод”, документарен филм од Марку Лемускалио од Финска.

Фестивалот Илинденски Денови во 2017 година, на еден од светските конгреси на CIOFF во Индонезија, стана сертифициран CIOFF Festival, еден од вкупно 100 најреномирани фолклорни фестивали ширум светот, исполнувајќи ги тие строги критериуми на оваа светска организација која е официјален пратнер на УНЕСКО, акредитирана од неговиот комитетот за чување и промовирање на традиционалната култура и фолклор кои се нематеријално светско културно наследство.

Влезот за сите проекции на филмовите ќе биде слободен. Интернационалниот етнографски филмски фестивал ќе биде нова традиција на градот Битола, кој има и филмска историја, но и иднина кога станува збор за квалитетни културни настани.

На фестивалот ќе се прикажат филмовите: „Гладниот Лазаро“, „Молокани“, „Љубови“, „Тајната на лагуните – фрагменти од Андите“,  „Светот на Ти Каф“, ЈВОБТИК – Нашата музика, „Големата Литанија“,  „Мал звук – Музика што цвета“,  „Мал звук – Музика што цвета“.

Фестивалот на етнографски филмови ќе трае до 23 јули, – сабота. Со најобемна програма досега, ќе следуваат и работилници, изложби и стручен симпозиум кои ќе бидат убав вовед во фестивалските вечери, кои повторно со големото дефиле по улиците на Битола стартуваат на 26 и ќе завршат на 30 јули, испланирани се до детал сите фестивалски денови кои на едно место ќе соберат над 1.000 учесници.

 

Related Articles