Home » Со над 40 актери на сцена и доделување на признанија за најзаслужните, отворен 25.Фестивал на монодрама во Битола

Со над 40 актери на сцена и доделување на признанија за најзаслужните, отворен 25.Фестивал на монодрама во Битола

by culturalchat

Со спектаклот „Глумците пеат“, во Центарот за култура, започна 25. издание на Интернационалниот фестивал на монодрама. Истиот ќе трае до 31.Мај. Ова е фестивал на кој секоја тишина зборува многу и ја слави моќта на соло изразувањето. Оваа година фестивалот се одржува под мотото „СЛОБОДАТА ЖИВЕЕ ТУКА“ на сцените на Центарот за култура и на Народниот театар.На отворањето, беа доделени посебни признанија на поддржувачите на фестивалот и претходните директори на Центарот за култура, кои дале значаен придонес во растот и развојот на Интернационалниот фестивал на монодрама. Директорката Маја Андоновска Илијевски, додели посебна благодарница и за долгогодишната соработка и поддршка од Општина Битола. Градоначалникот Тони Коњановски, заблагодарувајќи се за признанието, нагласи дека ова е дополнителен мотив за локалната самоуправа за понатамошна поддршка на културните настани и фестивали.Директорката на Центарот за култура Маја Андоновска – Илиевски, рече дека Битола седум денови ќе биде фестивски град и публиката ќе може да погледне монодрами од девет земји од светот.Андоновска Илиевски ги додели признанијата и на : Љупка Коларова Пајевиќ, Борис Чоревски, Ана Бегајовска, Зоран Димовски, Борче Димитровски, Петар Мирчевски, Нина Мазур, Иван Јерчиќ, и  Министерство за култура. Пред присутните се обрати и Љупка Пајевиќ која пред 25 години даде иницијатива за создавање на фестивалот. Специјално признание доби ЗК “Пелагонија“, без чија поддршка невозможно беше да се реализира гостувањето на шоуто “Глумците пеат“ со кое се отвори јубилејното издание на ИФМ. Шоуто беше претставено за прв пат во Битола и ова е прв град во кој настапија, освен во Скопје. 40 извонредни и талентирани актери, со БИГ БЕНД оркестар на сцената, во живо  ги пееја најголемите евровизиски хитови.Манифестацијата „Глумците пеат“,оваа година беше со тема- што би било ако Македонија биде домаќин на Евровизија во 2134 година. Ова, по 17 години возобновено шоу, чиј идеен творец е сега веќе покојниот актер Марин Бабиќ, а се одржа по повод светскиот ден на театарот, ги оправда сите очекувања на публиката во Битола, која со големи аплаузи ги поздравуваше учесниците, кои ги играа улогите на домашни и странски пејачи со 27 познати хитови. Режисер е Дејан Пројковски, диригент Љупчо Мирковски, кореограф Олга Панго. На Фестивалот на монодрама, оваа година ќе бидат изведени  2 македонски претстави, потоа претстави од Нови Сад, Бугарија, Турција, Грција, Казахстан, Ерменија, Хрватска. Свеченото затврање на фестивалот е закажано за 31.мај после доделувањето на наградите, со претставата на Драмскиот театар од Скопје: „Чудна случка на кучето во ноќта“ во режија на Зоја Бузалкова.

Related Articles