Home » Со „Ткаење нишки на вклучување низ таписеријата на уметноста и културата“ се одбележа Меѓународниот ден на Ромите

Со „Ткаење нишки на вклучување низ таписеријата на уметноста и културата“ се одбележа Меѓународниот ден на Ромите

by culturalchat

Во просториите на КИЦ Битола се одржа настанот „Ткаење нишки на вклучување низ таписеријата на уметноста и културата“ во организација на општина Битола и здружението за развој на ромската заедница „Сумнал“. Во преполнетата сала говор одржа м-р Фатма Бајрам Аземовска, претседателката на „Сумнал“ во кој истакна дека новите генерации Роми со силна мотивација и желба го прифатија предизвикот да бидат носители на прогресот, на промените. „ Денес ги промовираме новите вредности на генерацијата млади Роми кои даваат значителен придонес во развојот на македонското современо општество. Денешното време нè потсетува дека Ромите се неодделен дел од нашето општество и дека треба да бидат вреднувани. Во светлината на денешниот ден треба да продолжиме со нашата ангажираност и поддршка кон инклузијата, образованието и можностите за работа за Ромите. Имено, сите ние како членови на општеството имаме одговорност да ги поддржиме правата и достоинството на Ромите. Соединети во борбата за социјална справедливост и еднакви можности, имаме можност да создадеме подобра заедница за сите. Затоа, денешниот ден не е само за прославување, туку и за ангажирање и акција. Нека биде наша обврска, но и обврска на самите Роми, да продолжиме со поддршка и заштита на правата на Ромите и да работиме за изградба на инклузивно и праведно општество за сите“, истакна Аземовска.Таа додаде дека на настанот сите заедно ја истражиле богатата таписерија на ромската уметност и култура, истакнувајќи ги различните таленти и придонеси на ромската заедница. Преку изведби, музички настани и модна ревија имале за цел да промовираат разбирање, благодарност, солидарност и соживот. Сите заедно ги споделија достигнувањата на Ромите и почитта кон наследството, плетејќи ги нишките на инклузија и единство.

На почетокот следеше настап на ученици од Државно музичко училиште – Битола: Мерт Рустемов од класата на проф. Спире Јовановски, уметнички соработник: Горан Србиновски; Лина Димовска од класата на проф. Билјана Димовска. Нашата позната песна „Ако одам во Битола“ беше во пијано изведба на Анеса Коминовска од Ресен. Присутните уживаа во модната ревија на учениците од текстилната струка – техничар за дизајн на облека од СОУ „Таки Даскало“ – Битола. Моделите ги носеа учениците и студентите од ООУ„Даме Груев“, ООУ „Ѓорги Сугарев“, СОУ „Таки Даскало“, СОУ „Јане Сандански“ и Бизнис академија Смилевски – Битола, под менторство на професорките Живка Танушева Ицаноска и Ема Ќука. Ревијата беше збогатена и со модели од модниот дизајнер Муамед Маликовски Маликовски кој е познат по својата креативност, иновативен пристап и ангажман за прослава на ромската култура. Неговите креации се симбол на елеганција, стил и индивидуалност, што го прави идеален кандидат за ревијата. Оперскиот пејач Ернес Ибраимовски беше дел од настанот по повод Меѓународниот ден на Ромите. Тој е вистински виртуоз на оперската сцена, со величествен глас и врвни уметнички способности. Неговата уметност го надополни настанот, додавајќи магија и елеганција во прославата на ромската култура. Тој настапи во пијано придружба на маестро Андреја Наунов (Национална опера и балет – Скопје) и ги изведоа следните дела: – „Пиравело Миле“ (ромска народна песна); – „Кој што ме чуе да пеам“ (македонска народна песна); – „Сајбија“ (ромска народна песна); – „Не стој Доне Донке“ (македонска народна песна во аранжман на маестро Андреја Наунов); – „Ој борије“ (ромска народна песна); – „Иснија“ (ромска народна песна, музика: Григор Копров, текст: Огнен Неделковски); – „Црно му било писано” (македонска народна песна во аранжман на Ернес Ибраимоски); – „Нане цоха“ (ромска народна песна); – „Пусти мерак за Ратка“ (македонска народна песна, музика и текст: Боби Поповски). Овој настан стана центар на уметноста и културата, а учеството на сите гости е срцето и душата на оваа прослава. На крај сите ја запеаа- „Битола мој роден крај” (македонска народна песна).

Related Articles