Home » Сузана Турунџиева иницијатор за основање на женскиот хор Фрида

Сузана Турунџиева иницијатор за основање на женскиот хор Фрида

by culturalchat

На хорската музичка сцена на Македонија се појави „Фрида“, женски хор за членови над 40 години. Иницијатор за неговото формирање е водителката и пејачката Сузана Турунџиева.

Првото јавно претставување било  од затворен тип, на 27 -ми декември, на кое гостинка била Дени Жерновска, „мојата Фрида- која непрестано ме потсетува на најважните животни вредности“, како што вели Турунџиева, а пијано придружба бил Огнен Стаматоски. Инаку Дени е поранешна ученичка на Сузана, голем љубител на музиката и често знаат да запеат заедно.

Вториот настап го имаа за Денот на виното, кога приредија вечер за паметење, исполнета со многу емоции, музика, носталгија, прегратки и надеж за поубав свет, во кој љубовта, пријателството и музиката ќе бидат во нераскинлива врска. За креациите се погрижила Билјана Лотеска. На овој настап гостуваа балерините Елена и Михаела, Дени Жерновска, соработникот и продуцент Стаматоски.

Првичната замисла била  поинаква, со Андријана Јаневска, со која Сузана соработува, имале идеја да формираат детски хор и распишале оглас за аудиција. Се јавиле малку деца, наспроти- многу жени, кои биле желни за песна и дружење. И, бидејќи во училиштето на Андријана немало услови за возрасни,Турунџиева се одлучува  оваа приказна да ја започне на друго место, изнајмува простор и започнале пробите.

„ Сите пеат со блесок во очите и радост во срцата! И покрај тоа што се аматери, брзо ги усвојуваат текстовите и ги примаат сите мои насоки, особено за детали околу вокалната техника. Репертоарот е безвременски: од обработки на стари и познати евергрини, до госпел музика, латино и македонски евергрини. Тие уживаат, а јас уште повеќе додека ги гледам и слушам“, додава Турунџиева.

Засега хорот има 20 членови. За Фрида Сузана истакнува дека е нејзината женска, неформална, пејачка дружина каде се пее за своја душа, се шири радост, оптимизам, љубов и се испраќа порака за еден поубав свет, во кој ќе го вратиме мирот. Членките зрачат со многу позитива, ведрина, насмевки и силна женска енергија која поместува планини.

Хорот го добива името Фрида по мексиканска уметница Фрида Кало, која со целата своја немоќ и инвалидитет покажала дека нема пречка која може да ја спречи да создава уметност, а и поради значењето на зборот Фрида, кој првично значи мир, додека второто значење е : мало девојче, кое колку што е убаво однадвор, исто толку е и одвнатре.

Related Articles