Home » Успешен концерт на Симон Трпчески во Италија

Успешен концерт на Симон Трпчески во Италија

by culturalchat

Македонскиот виртуоз на пијано, Симон Трпчески одржа концерт во Милано, Италија како дел од неговата турнеја. По настапите во САД и Канада, Трпчевски се врати во Европа.

„Одлично враќање во Милано и Серате Музикали на Конзерваториумот Верди, по некое време. Прекрасен прием и со нетрпение ја очекуваме следната сезона. Благодарност до италијанска публика и Македонците меѓу нив, вклучувајќи го и мојот школски другар и македонски културен амбасадор, оперскиот пејач Благој Нацоски“, напиша Трпчески.

Признание за успешниот концерт на пијанистот му оддаде и македонскиот оперскиот пејач кој живее и работи во Италија, Благој Нацоски.

„Што да ви кажам, Симон,  со својот концерт, на нозе го крена Милано“, напиша Нацоски во својата објава на „Фејсбук“.

На програмата беа делата на Шопен, Моцарт, Бетовен, Прокофјев, Чајковски и Плетнев. После Италија Трпчески одржа концерт во Романија, а следува концертот во Глазгов. Пијанистот изминатиот период имаше концерти секаде во светот каде го промовираше проектот „Македонисимо“, проект кој  македонската премиера ја имаше во родното село на неговиот татко, Збажди.

„Македонисимо“ претставува спој на македонската народна музика со џезот и класичната музика, сплет од 23 нумери, најмногу ора и по некоја песна. Музичкиот проект беше создаден во соработка со Трпчески и композиторот Панде Шахов, а го изведува со неговиот бенд составен од Александар Краповски (виолина), Александар Сомов (виолончело), Хидан Мамудов (кларинет, саксофон и кавал) и Влатко Нушев (удиралки). „Македонисмо“ светската премиера ја имаше во Германија во 2017.

Симон Трпчески е меѓународно истакнат македонски класичен пијанист. Тој е еден од најафирмираните македонски изведувачи и веројатно најдобриот македонски пијанист на сите времиња. За неговиот талент сведочат мноштво меѓународни успеси и највисоки критики, како и генералното мислење на музичките критичари во светот. Во 2011 Трпчески станува прв носител на титулата Национален уметник на Република Македонија.

 

Related Articles