Home » „ Уште од дете замислував да имам женски вокален бенд и да се вика Фрида“-Сузана Турунџиева за новиот хор на македонската сцена

„ Уште од дете замислував да имам женски вокален бенд и да се вика Фрида“-Сузана Турунџиева за новиот хор на македонската сцена

by culturalchat

На хорската музичка сцена во Македонија се појави „Фрида“, женски хор за членови над 40 години. Првото јавно претставување било  од затворен тип, на 27 -ми декември, на кое гостинка била Дени Жерновска, „мојата Фрида- која непрестано ме потсетува на најважните животни вредности“, како што вели водителката и пејачката Сузана Турунџиева, иницијатор за формирање на хорот. Пијано придружба бил Огнен Стаматоски. Инаку Дени е поранешна ученичка на Сузана, голем љубител на музиката и често знаат да запеат заедно.

Вториот настап го имаа за Денот на виното, кога приредија вечер за паметење, исполнета со многу емоции, музика, носталгија, прегратки и надеж за поубав свет, во кој љубовта, пријателството и музиката ќе бидат во нераскинлива врска. Хорот го добива името Фрида по мексиканска уметница Фрида Кало, која со целата своја немоќ и инвалидитет покажала дека нема пречка која може да ја спречи да создава уметност, а и поради значењето на зборот Фрида, кој првично значи мир, додека второто значење е : мало девојче, кое колку што е убаво однадвор, исто толку е и одвнатре. Но, да почнеме од почеток, па затоа поразговаравме со Турунџиева и еве што таа ни кажа за идејата за формирање на Фрида.

С.Т.- Велат внимавај што посакуваш, зашто може да ти се оствари! Фрида е мој судбински проект. Во септември (заедно со Андријана Јаневска) посакав да формирам детски хор, но на аудицијата се појавија возрасни, талентирани жени, полни со музика. Си реков: Ова е некој знак, и не смееш да ги разочараш овие прекрасни женски битија! Така најдов простор, обезбедивме услови и почнав… На почеток со 10тина жени, па станавме 15, па 20, па 30, за денес хорот да брои 46 жени.

Самото име има интересен бекграунд?

С.Т.- Јас од дете замислував да имам женски вокален бенд и да се вика Фрида. Цел живот читав и сеуште истражувам и се восхитувам на енергијата и талентот на мексиканската уметница Фрида Кало, која својот талент и љубов кон сликањето го издигнала високо над сите нејзини неволји, пречки и трауми. Таа нејзина авангарда, шаренилото во нејзиниот ликовен израз, како и цветовите во нејзината коса, ама и тагата која извира од нејзините очи на сите нејзини автопортрети се трајно врежани во моите спомени, уште од најрано детство.

Колку недостигаше еден нов хор на македонската музичка сцена?

С.Т.- Мислам дека сега е време кога на македонската музичка сцена повторно се враќаат некои заборавени вредности од моето детство, кога хорското пеење беше во мода, и секое второ девојче членуваше во хор. Благодарение на пандемијата и сите изолации кои тешко ги поднесовме, луѓето почувствуваа потреба од повторно поврзување, дружење, а нам жените тоа природно ни доаѓа, особено да се дружиме низ песна.

Каков репертоар обработувате?

С.Т.-Жената и тоа како добро знае дека дури и бебето се смирува и заспива додека му пееш, па затоа ние музиката си ја имаме поставено во форма на музикотерапија, па така многу внимателно го одбирам и репертоарот, заедно со нашиот пијано придружник и продуцент Огнен Стаматоски. Обработуваме безвремени хитови, македонски евергрини, теми од познати мјузикли, госпел музика, филмски теми, и наполитанска музика.

Има ли можност и за други нови членови доколку изразат желба?

С.Т.- Во моментов се соочуваме со доволно голем број на членови, и правиме поделба во неколку групи и термини, имаме и сениорска група за 70+ членки во кои има и млади пензионерки и сите се пресреќни. Музиката ги одржува во состојба на радост, убавина, им го поттикнува хормонот на среќата, пеат со невидена страст и сјај во очите, си танцуваат додека пеат, а јас и Огнен уживаме додека ги посматраме како пеат. За нови членки секогаш има место.

Тука е и дизајнерката која направи одлични креации. Да чуеме нешто и за неа.

С.Т.- Дизајнерката Билјана Лотеска Биба е нашата прекрасна, талентирана и добра Фрида која е вистинско откровение за мене, за нас. Нејзините златни прсти, со помош на двете ќерки за само неколку дена направија 40 рачно изработени креации, без никакви потешкотии. Таа е воспитувачка во градинка, а знаеме дека во градинките е центарот на креативноста и детската безусловна љубов. Бескрајно и сме благодарни.

Но Фрида е инспирација и за вино, приказната со камчињата….

С.Т.- И приказната за Фрида никогаш не завршува. Во пресрет на Св.Трифун сакавме да ги изненадиме сите пријатели на Фрида и во соработка со една семејна винарија од Кавадарци се случи нашиот Вранец – виното Фрида, наменето за жени кои ја сакаат музиката исто толку колку што го сакаат и животот. За брзо, ќе го имаме и нашето бело вино, кое ќе го промовираме на следните настани.

Уметноста на цртање на камчиња е специфична. Каков предизвик е истата?

С.Т.- Во контекст на моето хоби, преку кое јас подолг период изработувам персонализирани подароци од камчиња, Фрида продолжува да биде огромна инспирација и секојдневно создавам мали, средни и големи хорски дружини со камчиња од Егејско, Јонско и Средоземно море. На првиот јавен настан, со Фрида, имав изработено 47 камчиња со ликот на Фрида, тоа се точно толку години колку што живеела Фрида и направивме лотарија, на која секоја членка доби по 3 камчиња и ги подари на свои пријателки – сега веќе членки во хорот. Фрида е љубов, страст, посветеност… секојдневно ми надоаѓаат нови и нови идеи, кои и јас немам време да ги контролирам… Stoneart е многу специфична уметност за која ја доста долго се усовршувам и уживам откривајќи нови и нови техники… досега имам насликано повеќе од 4500 камчиња, мали, но и џиновско големи, така да не е исклучено дека ќе почнам и на карпи да сликам.

Неодамна разговаравме дека секогаш ташната ти е полна со камчиња кои го чекаат новото уметничко руво…

С.Т.- Сеуште во секој џеб, ташна, ранец се наоѓа по некое камче, и сеште војна се води со мојот внук Јаков за да не ми ги меша и расфрла камчињата, бидејќи јас точно имам направено селекција во која кутија, сад, или пакет имам камчиња од ова или она море. Секое едно камче кое влегло во мојот џеб или ташна, си го знае потеклото. Така и ги правам персонализираните нарачки, да речеме, кога правам семејно дрво за некое семејство кое има корени од Егејска Македонија, јас исклучиво користам камчиња од Беломорска Македонија за таа нарачка…

Во духот на Фрида, ќе се заблагодарам и ќе потсетам да не заборавиме да му се радуваме на животот, сега и тука Viva la vida, viva la muzika!

Related Articles