Home » Фантастичен старт на концертната сезона на Симон Трпчески во Монте Карло

Фантастичен старт на концертната сезона на Симон Трпчески во Монте Карло

by culturalchat

Одлични рецензии со големи воодушевувања излегоа во најугледните медиуми по концертот на пијанистот Симон Трпчески во Монте Карло. Имено македонскиот пијанист концертната сезона ја продолжи на (православната Стара нова година), кога во салата „Рение Трети“, во Монте Карло, заедно со своите пријатели  го изведе „Македонисимо“. Трпчески, Краповски, Сомов, Мамудов и Нушев продолжуваат со претставувањето на проектот базиран врз традиционалната македонска музика, чии транскрипции, по идеја на Трпчески, ги потпишува нашиот истакнат композитор Панде Шахов.

Со овој настап Трпчески го продолжува своето гостување како резиденцијален артист на Филхармонискиот оркестар на Монте Карло, во чии рамки е предвидено да одржи 4 концерти во тековната сезона 2023/24. Првиот беше заедничката изведба на Вториот концерт за пијано и оркестар од Рахмањинов во октомври 2023, а по саботното гостување, остануваат уште две концертни вечери со различна програма до крајот на пролетта.

„ Феноменален дочек на православниот новогодишен концерт на MAKEDONISSIMO во Монте Карло! Инспиративна посета и прекрасна атмосфера за краткото време овде, благодарение на поканата од Дидие де Котињи и неговиот тим, присуството на топлата меѓународна публика, вклучувајќи неколку Македонци, дури и помлади, како и пијанистот Луис Лорти и легендарниот виолинист и пријателот Максим Венгеров кој не почести со своето време! Благодариме Монако“, напиша Трпчески на социјалните мрежи.

Изминатиов период албумот на Трпчески, Мачелару и Симфонискиот оркестар на Западногерманското радио се најде и на листата кандидати за Германските дискографски награди на критиката во категоријата за најдобра концертна изведба.

Оваа ценета награда се доделува во 32 специјализирани категории – од инструментални и вокални изведби, камерна музика, хорски изведби, преку опера, филмска музика, до светска музика и џез. Како што наведуваат организаторите, критериуми за оценување се уметничкиот квалитет, репертоарската вредност, презентацијата и квалитетот на звукот.

Related Articles