Home » Филмот „Бизнисот на задоволството“ на фестивал во Венецуела

Филмот „Бизнисот на задоволството“ на фестивал во Венецуела

by culturalchat

По дваесетина селекции и пет награди минатата година, политичкиот трилер кој ја третира темата на трговија со жени, долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“, на режисерот Гоце Цветановски, годинава својата прва проекција ќе ја има во Венецуела, на 9. издание на FICMARC – Caribbean Sea International Film Festival, којшто ќе се одржи од 19 до 21 јануари.

Ова е третпат филмот да игра во Латинска Америка. Минатата година остварувањето на Цветановски доби награда за најдобар филм на филмските фестивали во Перу и Панама.

Првото долгометражно филмско остварување на Цветановски претходно се прикажа и на „Orlando Film Festival“ во САД, а ја имаше и своја африканска премиера – беше дел од официјалната програма на Africa International Film Festival и на Abuja International film festival во Нигерија.

Политичкиот трилер ја следи приказната на новинарка, која опседната со исчезнувањето на својата најдобра пријателка, подготвува тајна операција со цел да разоткрие мрежа за трговија со жени. Но, како што се приближуваат нејзините соучесници до шефот, ситуацијата излегува од контрола.

Улогите во филмот ги толкуваат: Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска. Сценариото и монтажата се на Гоце Цветановски, а кинематографер на филмот е Фејми Даут. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и режисерот.

„Бизнисот на задоволството“ е снимен со поддршка на Агенцијата за филм. Македонската публика напролет ќе има можност да го види и во киносалите.

Related Articles