Home » Филмот за Џеј Рамадановски „Недела“ пристигна во 3Д киното во Битола

Филмот за Џеј Рамадановски „Недела“ пристигна во 3Д киното во Битола

by culturalchat

Филмот „Недела“ кој го следи животот на еден од омилените пејачи на овие простори, Џеј Рамадановски пристигна во 3Д киното во Битола. Инспириран од вистински настани, ја раскажува приказната за Џеј од најраната младост до големиот успех што го оствари. Иако немал лесно детство, кое главно го поминал на улица и во поправен дом, Џеј успеа да го заземе своето место на музичката сцена и преку песна да стане дел од животот на многумина. Филмот ја имаше својата премиера во Белград и го привлече вниманието на регионот. Рамадановски, кој потекнуваше од ромско семејство од Македонија, почина во 2020 на 57 години.

Филмот во режија на Немања Ќераниќ и Милош Радуновиќ е насловен според една од најпознатите песни на Рамадановски. Во насловната улога е Хусеин Алијевиќ, а играат и Марко Јанкетиќ, Стефан Вукиќ, Алексеј Бјелогрлиќ, Ален Селими, Ана Пиндовиќ, Златан Видовиќ и Милица Јаневски.

Македонските актери Бајрам Северџан (познат по улогите во Џипси Меџик; Црна мачка, бели мачор; Трето полувреме; До Балчак; Преспав) и Емра Куртишова(позната по улогите во Скопје Ремикс и Преспав) ги толкуваат улогите на родителите на Џеј Рамадановски, а актерката Санела Емин(позната по улогите во Преспав и Домаќинство за почетници) ја толкува улогата на неговата тетка во новиот филм „Недела“.

„Возбудливата приказна за животот на Џеј Рамадановски е претставена без непотребна патетика, со впечатливи ликови. Сценариото се држи до важните факти од биографијата на Рамадановски и во него е прикажана суровата реалност со која пејачот бил принуден да се соочува“, изјавија од Филмскиот центар на Србија.

Познатиот пејач почина по проблеми со срцето во Белград, каде беше роден и каде го помина најголемиот дел од својот живот. Но, за своето македонско потекло секогаш зборуваше со гордост. Во интервју од пред десеттина години раскажа дека Македонија е татковината на неговите предци и му е во душата. Големиот пресврт во животот на Џеј се случил кога имал 22 години, откако започнал да пее во ,,Клубот на народњаците”. Се запознал со голем број на музичари, а судбинско било познанството со текстописецот Марина Туцаковиќ и композиторот Александар Радуловиќ – Фута.

Во 1987 година со песната на Туцаковиќ, ,,Зар јас да ти ги бришам солзите” тој настапи на фестивалот МЕСАМ и неговата музичка кариера започна да се движи по нагорна линија. Тринаесет музички албуми, десетици компилации, турнеји низ светот, настапи за кои се бара влезница плус, Рамадановски речиси преку ноќ стана голема музичка ѕвезда. Сепак, и во екот на својата популарност, тој никогаш не забораваше со гордост да го спомне своето македонско потекло.

 

 

 

 

 

 

 

Related Articles